Ќе чини околу 200 лева, кој може да си ја дозволи, велат пензионери од Пловдив за годинешната тура лутеница, пишува бугарски „24 часа“.
Во Куртово Конаре прават празник во нејзина чест, ја избираат кралицата на Лутеница. Ако врне дожд на крајот на август и мириса на печени пиперки, тогаш тоа е крај на летото! Вака постарите пловдивци го најавуваат почетокот на есента. Веќе врнеше, но едвај мириса на печени пиперки. И тоа не затоа што луѓето не ги сакаат, туку затоа што се скапи и масовно ги одбиваат домаќинки од традиционалната домашна лутеница.
Овој пат нема да мириса на есен, велат мајсторите на зимницата. Други години, во ова време, на балконите веќе работеа фурните за пиперки и од нив се ширеше арома на печени пиперки. На друго место пиперките се печеа на жив оган.
Сега, ништо од ова нема.
„Пиперките не се ни допираат – 3 лева (1,5 евра) е килограм убава црвена пиперка по пазарите. А за една доза лутеница ми требаат 30 кг. Скапи се и доматите, не паѓаат под 2 лева. Потребни ви се 15 кг од нив. А и модрите патлиџани држат цена. Кога ќе додадете струја, масло, тегли, капачиња и работна сила, сметката воопшто не испаѓа добро. Кој може да потроши 200 лева за лутеница“, прашува 70-годишната Донка Минчева.
Има намера да наполни некоја тегла со домати и 5-6 тегли ѓувеч. „Зимата нема да биде воопшто лесна. И навистина е убаво да си наполниш тегли, но по овие цени тоа е речиси невозможно“, коментираат други жители на Пловдив.
Три лева за килограм „црвена капија“ е навистина премногу. Луѓето се прашуваат зошто трговците толку многу ја надувуваат цената кога се појавуваат само неколку купувачи. Ниту саделе, наводнувале, не копале, не прскале… а сепак цените се високи.
Истовремено, на полиците на маркетите се редат десетици видови лутеница. Но, и тие не се евтини, а и не се споредуваат со домашните. Но, барем трудот е заштеден.
„Она што го паметам од детството е мешавина од печени излупени пиперки, варено природно доматно пире и печен модар патлиџан“, вели 60-годишниот Димитар Ненов.
Со задоволство се сеќава како едно време во соседството имале заеднички плех на кој ја правеле лутеницата. Жените кои со години го прават овој деликатес рецептите ги пренесуваат од уста на уста.
И покрај високите цени, уште има тврдоглави домаќинки кои и оваа година нема да се откажат. Се откажав од многу работи, но од лутеницата – никогаш, наведува Величка Петрова. Почувствувала избезумена радост кога внуците со апетит изеле парче домашна лутеница. Вистината е дека во селата сè уште има женски ентузијасти. Подготовката на домашната лутеница таму е една од ретките прилики во кои се манифестира традиционалното бугарско чувство за заемна помош. Се собираат соседи, роднини, пријатели и се фаќаат за работа.
Овој потфат е незамислив без учество на мажи. Тие се занимаваат со најтешката работа – печењето на пиперките. Огнот им удира во нозете, а очите им се полнат со чад. Во Куртово Конаре, луѓето ќе го мешаат деликатесот на плоштадот за традиционалниот празник. Лупењето им паѓа на жените. Но, за искусни домаќинки, ова не е проблем. Следниот чекор е нивно мелење по што доаѓа најтешкиот момент – вриењето.
Најпрво се почнува со доматно пире, откако ќе се сомелеат доматите и ќе се одвојат лушпите и семките од нив. Мешањето е непрекинато. Кога ќе згусне се додаваат мелените пиперки и патлиџаните. Мешањето не престанува ниту за момент. Огнот треба да биде среден, за да не загори лутеницата. Потребна е и долга дрвена мешалка, бидејќи смесата прска и може да предизвика рани на кожата. Лутеница е готова кога на дното на тавата ќе се формира патека откако ќе се помине низ нејзе со лажицата. Потоа на ред доаѓа зачинувањето со сол, шеќер, масло, црн пипер и ким.
Во пловдивското село Куртово Конаре веќе трескавично се шрават подготовки за традиционалниот фестивал на лутеница. Празникот започнува на 9 септември.
„Не можеме да се откажеме од него. Ја одгледуваме највкусната Куртовска капија“, вели градоначалникот Иван Пиринов. Десетици луѓе ќе ги уредуваат штандови со готови производи, но се уште не ја утврдиле цената на теглата од 400 грама. Лани беше 5,50 лева, но сега цената ќе биде повисока. Поскапеа и пиперките и теглите со капачиња“, изјави градоначалникот.
На плоштадот пред центарот на заедницата видно ќе се приготвува деликатесот. Тоа ќе го направат двајца мајстори – Софија Манчева и Нели Крастева. Прават магична лутеница“, вели Пиринов.
Според него, тајната произлегува од месестта „куртовска капија“ и слаткиот розов домат. Во подготовката на домашната лутеница учествува и градоначалникот. „Тоа е доста трудоинтензивно. Потребни се најмалку два и пол дена. Се пече, лупи, се вари, стерилизира“, додава тој.
Но, тој е категоричен дека вреди да се вложи труд. Жирито ќе ги дегустира делата на различните мајстори и ќе ја награди „Кралицата на лутеница“.
„Во Куртово Конаре подготвуваат два вида – со печени пиперки и варени, кои се поминуваат во цедалка. Првата ми се допаѓа бидејќи е крупно мелена“, додава Иван Пиринов.
За една доза се користеле 20 кг пиперки, 10 кг домати и 4-5 патлиџани. Во нив се додава барем литар и пол масло „да свети“, сол и шеќер по вкус, а зачините се црн пипер, ким и малку кари.
„Зошто е убава? Затоа што се е еко и домашно. Знаете што јадете. Пиперката е пиперка, доматот е домат. Нема ни скроб за згуснување, ни конзерванси“, објаснува градоначалникот. Вели дека лутеница станува атракција за селото и го посетуваат многу луѓе од околината и од странство.
Локалните жители сè уште се сеќаваат како во 2016 година европратениците си ги лижеле прстите. За еден час се изеле 40 тегли. Во тоа време во Брисел имаше изложба на бугарска храна. Софка Митрева двапати ја доби наградата „Кралица на лутеница“. „Ми требаат 4 дена да се подготвам. Прво правам доматно пире за што се потребни најмалку 7 часа. На вториот и третиот ден ги печам пиперките и патлиџаните, а на последниот ја варам смесата. Внимавам на производите. Зачините се сол, шеќер, масло, црн пипер и ким“, објаснува таа.
Врвен адвокат од Пловдив ја прави лутеницата со пиперки од Каварна. Тој и неговата сопруга Елена се луѓе кои ја ценат домашно приготвената зимница.
„Бевме на одмор во Каварна и од таму ги донесовме пиперките – дебели, месести, немаат вода. Лутеницата ја правиме на шпорет по рецепт на мајка ми“, објасни адвокатот Левашки. А сопругата го фали дека испекол 40 килограми пиперки за два дена.