Во организација на Сојузот на Македонците со исламска религија, денеска во „Куќата на Мијаците“ во близина на Бигорскиот манастир се одржа чествување за професор д-р Нијази Лиманоски и поетот Саме Лимани Жарноски и двајцата по петекло од Река.

Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија, Латиф Пајкоски,  рече дека е горд и на двајцата великани кои и до последниот здив гласно велеа дека Македонците без разлика на верската припадност се едно ткиво, македонско.

– Горд сум што од нив научив како се сака сопствениот народ, што од нив ја научив македонштината, на мојот чист македонски јазик да кажам дека и јас сум дел од македонското ткиво. Тоа го бараат моите предци кои го примиле исламот, но, го зачувале мајчиниот македонски јазик, културата, традициите, топонимите. Ја почнаа битката за осознавање,која за жал се уште ја продолжуваме за да докажеме дека ние сме нераскинлив дел од македонскиот а не од некој друг народ,како што се обидуваат да го прикажат други, рече меѓу другото Пајкоски.

За животот и делото на македонските великани,како што беше речено, се потсетуваме токму тука,покрај жуворот на пенливата Радика,каде што се родиле, растеле, придонеле за националното осознавање на своите сонародници а Саме и почива во родната Жировница.

– Поезијата на Саме ја допира душата и срцето,лечи рани ама и отвора рани,особено кога ја опева големата наша преселба за Анадолија. Хероината река Радика, за него беше омилена локација, покрај неа живееше,за неа твореше,ја нарекуваше долина на луњите и љубовта,живееше со магијата закопана во камењата на Радика и нејзните диви води, рече Реџо Муслиоски, потсетувајќи се Жарноски, како поет, просветен работник, но пред се голем Македонец.

На чествувањето за својот почитуван професор Лиманоски, се потсети и професорот Рубин Земон, актуелен советник на македонскиот премиер, а за нивниот непроценлив придонес зборуваа и други истакнати професори и претставници на општествениот и политичкиот живот. Поети од Друштвото на писателите на Македонија читаа песни од Жарноски, но дел од нив и песни кои му ги посветиле нему.

Професор д-р Нијази Лиманоски, е роден 1941 година во Ростуше, а починал во Скопје 1997 година. Бил етнолог и борец на назионалното обединување на Македонците без разлика на верската припадност. Работел во Дебар, каде бил и прв главен и одговорен уредни на радио Дебар,а во Скопје обавувал многу значајни функции.

Основач е на републичката заедница на културно-научните манифестации на Македонците муслимани, денес Сојуз. Објавил четири книги и 50 научни трудови од областа на етниграфијата. Меѓу другото добитник е на наградата „Климент Охридски“ и наградата „Гоце Делчев“ а одликуван е со орден на трудот со сребрен венец и орден за заслуги за народ  со сребрени зраци.

Поетот Саме Лимани Жарноски роден е во жировница 1935,каде го минал целиот живот и починал 2007 година. Бил наставник по македонски јазик и литература, добитник е на наградата за песна на манифестацијата „Празник на липите“, објавил единаесет стихозбирки, но синоним за неговот име е песната „Не викајте ме торбеш“.