„Европскиот парламент (ЕП) е пред усвојување извештај за напредокот на … Македонија кон ЕУ, кој ќе содржи признавање на македонскиот идентитет и јазик на четири места. Ова ќе биде второто законодавно тело во Европа по германскиот Бундестаг, кој на 15 јуни 2023 година со своја резолуција ги призна македонскиот идентитет и јазик, без никаков одговор од бугарска страна“, објави бугарската информативна агенција БГНЕС.
„Ова е прв пат ЕП да признае јазик и идентитет што северномакедонскиот премиер Христијан Мицкоски ги нарекува ‘многувековни’. Признанието ќе биде дадено со следниот извештај на Европскиот парламент за напредокот на … Македонија кон ЕУ, кој треба да биде усвоен во јули. Признавањето на јазикот и на идентитетот беше постигнато откако главниот известувач – Австриецот Томас Вајц од партијата Зелени – постигна консензус со другите седум известувачи ‘во сенка’ што ги претставуваат политичките семејства во ЕП“, се додава во написот.
Агенцијата напомнува дека партијата Зелени на Вајц е коалициски партнер во ЕП со Европската слободна алијанса (ЕСА), која ги претставува малцинствата, барајќи регионална автономија, самоуправување и независност во рамките на ЕУ. Членки на ЕСА се партиите ОМО „Илинден“-ПИРИН, забранета во Бугарија, и Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која го негира постоењето Бугари во Албанија.
„Проверката на регистарот на состаноците на Европскиот парламент покажува дека, од неговото назначување за известувач, Томас Вајц одржал 36 состаноци со властите на Северна Македонија и ниту еден со организациите на Бугарите во Северна Македонија.
Томас Вајц неколку пати го одложуваше почетокот на преговорите за извештајот, а тие конечно започнаа на 14 мај, а не како што беше планирано – на крајот на март. Над 40 предлози за извештајот беа дадени од бугарските европратеници Андреј Ковачев – ГЕРБ и Ивајло Валчев – ИТН. На денот кога започнаа преговорите, на покана на самиот Вајц, 15 пратеници од … Македонија одржаа состаноци во зградата на ЕП, а претходно, на 12 мај, истото го стори и министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Томас Вајц организираше официјален ручек за македонските пратеници со ‘известувачите во сенка’, на кој бугарските пратеници не беа поканети. Кога преговорите започнаа подоцна истиот ден, бугарските европратеници сфатија дека пратениците од Скопјe ги имаат сите свои текстови и предлози однапред. Известувачот Томас Вајц признава дека извештајот ‘протекол до медиумите во … Македонија пред една недела’, што претставува грубо кршење на правилата на Европскиот парламент.
Како резултат на постапките на Томас Вајц и успешните лобистички напори на Скопјe, речиси сите текстови на бугарските европратеници беа отфрлени од известувачите, но беа усвоени шест предлози ЕП да го признае македонскиот идентитет и јазик. БГНЕС ги има текстовите на признанијата, кои се апсолутно идентични, иако беа предложени од пет европски пратеници од три различни политички партии – 3 од ЕПП, 1 од социјалистите, 1 од Зелените. До објавувањето на статијата, БГНЕС не доби одговор на прашањето како е можно пратеници од различни политички партии да поднесат идентични текстови за македонскиот идентитет и јазик, пишува БГНЕС.
„По состанокот на 14 мај, пратеникот Ивајло Валчев испрати протестно писмо до претседателката на ЕП, Роберта Мецола, сигнализирајќи дека известувачот Томас Вајц ја нарушува транспарентноста и ја компромитира неутралноста на извештајот на ЕП. Според Валчев, имало ненајавени средби меѓу Вајц и македонски претставници во Брисел и во Скопје за време на подготовката на извештајот, како и координација на амандманите од страна на европратениците од три политички групи, повторувајќи ги буквално барањата за ‘признавање на македонскиот јазик и идентитет’. Според Валчев, известувачот Томас Вајц покажал недостиг на транспарентност, бидејќи многу од состаноците не биле евидентирани во Регистарот на транспарентност на ЕП во времето на извештајот, и дека тој дозволил нацрт-извештајот да протече во македонските медиуми. Според Валчев, ова покажува надворешно мешање во внатрешните процеси на ЕУ.
Кратко откако беше сигнализирано од Валчев, Томас Вајц одеднаш ретроактивно регистрираше 31 состанок со северномакедонски претставници што веќе се одржал, а претходно наведе само 5“, стои понатаму во текстот.
„Извештајот на ЕП треба да биде разгледан од Комисијата за надворешни работи на 4 јуни, а запознаените со ова прашање велат дека е малку веројатно признавањето на македонскиот идентитет и јазик да биде отфрлено, бидејќи веќе е усвоено со консензус за време на состанокот на известувачите на 14 мај“, заклучува БГНЕС во опширната статија.