Најголемите британски телевизиски медиуми Би-Би-Си и Ај-Ти-Ви денеска објавија планови за создавање британски сервис за стриминг, наречен „Бритбокс“, во обид да се спротистават на големата конкуренција од онлајн гигантите, како што е Нетфликс.

Најверојатно тоа ќе биде поголема верзија на нивната „БритБокс“ стриминг услуга, што се нуди во Северна Америка, каде имаат повеќе од половина милион претплатници.

– Би-Би-Си и Ај-Ти-Ви се во завршна фаза на разговори за да се воспостави стратешко партнерство, за да се донесе возбудлива нова услуга за стриминг кон публика од Обединетото Кралство, се вели во соопштението.

Тие додаваат дека ќе има нови и стари програми со „конкурентна” претплата.

Би-Би-Си и Ај-Ти-Ви велат дека се надеваат оти ќе почнат со услугата во втората половина од 2019 година

– Услугата ќе содржи се, од старите омилени до неодамнa снимени емисии како и нови проекти, наведуваат двете телевизии во соопштението.