Паметниот телефон во вашиот џеб може да направи милиони пресметки во секунда, да ви овозможи да играте зачудувачки 3Д-видеоигри или да имате пристап до какви било информации во светот. Денес, сето ова го земаме „здраво за готово“, особено ако се сетиме на почетоците.
И покрај сè, телефоните како познатиот нокиа „цигла“ сè уште се произведуваат, но кој ги купува и зошто?
Подолг период од 90-те и 2000-те години може да се стави во две категории кога се во прашање мобилните телефони: класични и „оние другите“.
Во класичните телефони спаѓаат оние телефони што ги извршуваа основните функции, повикување и праќање порака. Тие беа направени за големи пазари, но немаа голема употребна вредност од основната. За да се илустрира оваа група телефони, доволно е да се потсетиме на моделите како што се нокиа 3310 или моторола стартак.
Како што одминуваше времето, телефоните добиваа сè повеќе функции, како на пример видео, фотопораки, и основно пребарување на интернет преку технологии, како што е Бежичен протокол за апликација (WAP).
Сепак, високите трошоци и релативно лошиот квалитет на мрежата драстично ги ограничуваа корисниците. Голем број луѓе ги користеле телефоните само за основни потреби. Дел од членовите на оваа втора група се: псион петта серија, нокиа комуникатор или блекбери.
Класични мобилни телефони во 2020 година
Можеби мислите дека класичните телефони исчезнаа целосно со појавата на паметните телефони. Но, тоа не е точно – особено се популарни во региони како Супсахарска Африка, каде и најевтиниот андроид-уред е едноставно многу скап за голем број жители.
Интересно е и дека постои голема дигитална економија фокусирана на класичните мобилни телефони. Најдобар пример за ова е М-песа, услуга што им служи на жителите на африканските земји како што се Кенија и Танзанија да испраќаат и примаат пари преку СМС.
Сепак, на западот, класичните телефони заземаат малку поинаква позиција на пазарот. Тие честопати се популарен избор за постарите луѓе, кои не се многу добро снаодливи со технологијата.
Исто така, постои елемент на носталгија. Многу современи телефони се едноставно ажурирани верзии на претходните уреди. Пример за ова е нокиа, која има надградени верзии на моделите 3310, 8110 и 5310. Сите тие се сè уште „основни“ телефони, но сега тие имаат екрани во боја, можност да се пушти музика и да фотографираат.
Овие телефони веројатно се користат како резервна варијанта или во околини каде може да се оштети паметниот телефон, како што се музички фестивали.
Некаде во средина
Сепак, постојат уреди што се наоѓаат некаде на средина, помеѓу класичните телефони и паметните телефони. Тие работат со помош на оперативен систем наречен КаиОС.
Овие телефони честопати личат на уреди пред паметните телефони и содржат функции како што се физичка тастатура. Сепак, тие исто така имаат карактеристики специфични за паметните телефони, како што се Плеј стор, веб-прелистувач или говорен асистент.
Патем, КаиОС започна како Фајрфокс ОС, кога Мозила се обиде да создаде оперативен систем за паметни телефони, што ќе биде достоен ривал за Андроир и Иос, најголема предност е тоа што може да работи на поевтини, а слаби уреди.
Мозила се откажа во 2017 година, но тоа не беше крај – ја презема интернет-заедницата, развивајќи го КаиОС врз основа на проектот Boot 2 Gecko. Во мај минатата година КаиОС обележа 100 милиони уреди на кои функционира.
Класичните мобилни телефони наскоро можат да бидат потиснати уште повеќе, поради растечкиот развој на КаиОС, но и проектот Андроид гоу, обидот на Андроид да го донесе својот оперативен систем на послаби уреди.