Облаци од мрачен чад ги задушија бразилските градови, додека делови од Амазонија гореа во размери што не беа забележани со години, а светот одговори со бесна реакција. Неколку недели во август очите на светот беа свртени кон Бразил и реакцијата на неговата влада. Што се случува со пожарите речиси два месеци подоцна? И зошто проблемот може да биде поголем отколку што изгледаше на почетокот? Кога пожарите во Амазонија го достигнаа врвот во август, имаше илјадници одделни пожари. Тој месец гореа 30.901 пожар, речиси трипати повеќе отколку во истиот период минатата година.
Која е причината за ова? Шумски пожари во Амазонија се случуваат за време на сушната сезона, од јули до октомври. Може да бидат предизвикани од природни настани, како што се удари на гром, но се верува дека повеќето пожари оваа сезона ги започнале земјоделците и дрвосечачите за да расчистат земја за земјоделски култури или пасење. Ова е важно затоа што Амазонија е најголемата дождовна шума во светот и животоважно складиште на јаглерод што го забавува темпото на глобалното затоплување.
Се намалува бројот на пожари, но не и нивото на девастација
Светот бурно реагираше на пожарите, се одржуваа протести во десетици градови, се заканија со казни, а политиката за животна средина на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро наиде на широка осуда. На крајот на август Болсонаро ја испрати војската во Амазонија и нареди 60-дневна забрана за предизвикување пожари за да се расчисти теренот. Мерките имаа ефект, бројот на пожари во Амазонија од август до септември се намали за една третина. Во октомври стапката е дополнително намалена, што ќе продолжи до почетокот на сезоната на дождови.
Традиционално, амазонските дождовни шуми се рушат, се оставаат да се исушат, а потоа се горат. До моментот кога беше воспоставен мораториумот, уништувањето на шумите стана од големи размери. Единствено што спречи забраната беше палењето.
„Бројот на пожари е намален, но не и нивото на уништување на шумите. До крајот на август, голем дел од овогодишното уништување на шумите веќе се случи, изјави Ане Аленцар, научна директорка на непрофитниот Амазонски институт за истражување на животната средина (ИПАМ).
Податоците собрани од бразилскиот Национален институт за вселенски истражувања (ИНПЕ) укажуваат дека оваа година најмалку 7.747 квадратни километри од дождовните шуми на Амазон. Ане Аленцар смета дека реалната бројка е најмалку 30 проценти поголема, што би можело да ја направи оваа година најлоша во однос на уништувањето на шумите на Амазонија по 2008 година. Многу дрвја допрва треба да се запалат, смета Аленцар, што досега не можеше да се направи заради забраната и дождовите што започнаа.
„Постојат многу области каде што дрвјата се расчистени, но не се изгорени. Тоа ќе се направи следната година, вели Ане Аленцар.
На југот е друга приказна
И додека пожарите во бразилска Амазонија се намалија, во ранливиот јужен регион, во саваните на Серадо, се случува сосема друга приказна. Светската фондација за природа (ВВФ) ја оквалификува областа како „еден од најзагрозените екосистеми на планетата“ и таму имаше повеќе пожари минатиот месец отколку во Амазонија.
Серадо е област со најголем биодиверзитет во светот. Околу 40 проценти од животинските и растителните видови кои живеат во Серадо не можат да се најдат на друго место на планетата. Меѓу другите, таму живеат јагуари, мравојади и папагали. Сепак, според ИПАМ, околу половина од шумите, мочуриштата и пасиштата се веќе изгубени, главно за да се направи место за одгледување соја.
Иако беше загрозена и бразилската Амазонија, огромно мнозинство од областа остана недопрено. Серадо е половина од големината на Амазонија и го губи теренот со многу побрзо темпо. Улогата на саваната како базен на јаглерод е клучна, што ја прави значајна во регулирањето на глобалната клима. ИПАМ проценува дека бројот на изгубени дрвја во 2016 и 2017 година одговара на ослободување 440 милиони дополнителни тони јаглерод диоксид во атмосферата, а тоа е количината на СО2 што годишно ја испушта Велика Британија.
Серадо не потпадна под забраната за палење што беше воведена во Амазонија во август. Затоа, бројот на пожари во саваната од август до септември се зголеми за 78 проценти, на вкупно 22.989. „Додека општеството внимаваше на Амазонија, некои луѓе мислеа дека е ОК Серадо и дека може да прават што сакаат таму, објасни Ане Аленцар.
Најлошото помина
Во октомври имаше 1.800 пожари во Серадо, но најлошото веројатно ќе помина. Обилните дождови ќе почнат до крајот на октомври.
Министерот за животна средина во Бразил изјави за Би-би-си дека Владата прави „одлична“ работа во заштитата на Амазонија, но активистите велат дека можело да се направи повеќе отколку да се запрат пожарите на 60 дена.
– Пожарите во Амазонија веројатно ќе забават по реакцијата на бразилските власти, но краткорочните мерки не се доволни. Потребна ни е вистинска заложба од Владата на Болсонеро за заштита на шумите и нивните автохтони и традиционални заедници, кои се вистински чувари на Амазонија. Болсонаро вети нулта стапка толеранција за интензивна сеча на шумите и последователното палење, но неговите политики и реторика всушност поттикнаа такви злодела, вели Кристијан Поирер, програмски директор во американската непрофитна организација „Амазон воч“.
Проблеми и во Парагвај, Боливија…
Иако пожарите во Бразил добија најголемо внимание од светските медиуми, Бразил не е единствената нација во Јужна Америка која страдаше од пожари или се соочи со контроверзии за тоа како тие започнаа. Парагвај изгуби многу хектари заштитени шуми во Пантанал, најголемото тропско мочуриште во светот, заканувајќи се на неговата биолошка разновидност. Парагвајскиот ВВФ вели дека станува збор за проблем предизвикан од човекот затоа што земјоделците палат тревници за да го подобрат квалитетот на пашата на добиток и со тоа да предизвикаат шумски пожари.
Податоците на ИНПЕ покажуваат дека имало 18.200 пожари во Парагвај во 2019 година, или 16 проценти повеќе од лани. Во Боливија, повеќето намерно предизвикани пожари уништија над четири милиони хектари од мај, но обилните дождови сега донекаде ќе ја олеснат ситуацијата. Претходната недела властите соопштија дека пожарите на исток се изгаснати, а на снимките се прикажани пожарникари во најтешко погодената област Чикуиитања, како скокаат од радост.
Боливиските пожари предизвикаа масовни протести против претседателот Ево Моралес, која неодамна донесе регулатива со која им се дозволува на земјоделците да расчистат четири пати повеќе земјоделско земјиште. И тоа е процес кој завршува со палење. ссм/