Владата на Танзанија со месеци наназад го негираше присуството на коронавирусот и затоа сега нема план за вакцинација во земјата, ја пренесува Би-Би-Си оценката за реалната ситуација со заразата во оваа африканска земја.

Ваквата ситуација почна лани во јуни кога претседател Џон Магуфули ја прогласи Танзанија за „земја без вируси“, а тој, неговите соработници и другите високи владини претставници се исмејуваа на носењето заштитни маски, изразуваа сомневања во тестирањата и ги исмеваа соседните земји за воведувањето рестриктивни мерки, додаде британскиот јавен сервис.

Според дописникот на Би-Би-Си од оваа земја, Дикенс Олевие, кај граѓаните постои страв дека има голем број непотврдени случаи и жртви на Ковид-19.

Во Танзанија е речиси невозможно да се видат вистинските последици на епидемијата бидејќи само мал број луѓе се овластени да зборуваат за коронавирусот, додаде Би-Би-Си.