Во општина Пустец, Мала Преспа, се распределува хуманитарна помош за семејства во социјален ризик, донација на „Биг маркет“ од Тирана.
-Помошта се состои во прехранбени артикли и средства за хигиена. Голема благодарност до „Биг маркет“ за помошта со која ќе бидат опфатени 120 семејства кои се во најнеповолна социоекономска состојба. Донацијата е навистина е добредојдена за нив, изјави за МИА Пали Колефски, градоначалник на општина Пустец.
Колефски исто така информираше дека претставниците на „Биг маркет“ при донирањето на помошта изјавиле дека една од најважните работи што може да се направи во овие тешки моменти, создадени од пандемијата од Ковид-19, е да се помогне за секој да има барем дел од најосновните продукти.
Претходно во неколку наврати распределена е помош за семејства кои се во најнеповолна економска состојба. Шеесет и пет семејства добија прехранбени артикли, средства за одржување хигиена и лекови од донатор кој посакал да не се соопштува неговото име.
Исто така, распределена е помош донација од фондациите „Еден поразличен викенд” и „Кенеди”, бизнисмените Босилко Аговски и Мехмет Казимлари, како и од Фондот за итни случаи во Општина Пустец.
Во распределбата на помошта претходно и сега се вклучени ученици од гимназијата во Пустец и вработени во локалната самоуправа.