Германскиот политичар Кристијан Шмит денеска е назначен за нов висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, а Валентин Инцко, кој досега ја извршуваше функцијата, поднесе оставка, потврди Кабинетот на високиот претставник (ОХР) во Сараево.
Одлуката за назначување на Шмит ја донесе Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИЦ), кој се состои од највлијателните западни земји и Турција и Русија чиј претставникот во земјата, според официјалното соопштение на ОХР, не се согласува со изборот.
Како што беше објаснето, Шмит ќе стапи на должност во Сараево на 1 август, кога ќе стапи во сила и оставката на Инцко.
– Управниот одбор на ПИЦ и се заблагодарува на Германија за иницијативата и е убеден дека Шмит ќе го забрза исполнувањето на условите и целите на програмата 5 + 2 (за затворање на ОХР) и ќе придонесе за стабилноста во БиХ преку обезбедување на доследно спроведување на цивилните аспекти од Општиот рамковен договор за мир. Одлуката на Управниот одбор на ПИЦ дополнително ја нагласува определеноста за територијалниот интегритет на БиХ, се вели во соопштението на ПИЦ.
Како што е објаснето, за назначувањето ќе биде известен и генералниот секретар на Обединетите нации.
По потврдата за неговото назначување, Шмит во изјава за порталот „Независне новине“ со седиште во Бања Лука рече дека основата на неговите активности во БиХ ќе биде да работи во договор со претставници на меѓународната заедница, избрани функционери, граѓани на БиХ и млади луѓе.
– Најважната работа е да ја видиме земјата на нејзиниот предизвикувачки пат кон Европа, рече тој.
Тој изрази благодарност до Инцко за досегашниот ангажман кој го нарече „извонреден“, додавајќи дека е убеден оти ќе продолжи совесно да ја извршува работата на висок претставник до 1 август.
Шмит најави дека нема да дава политички коментари за ситуацијата во БиХ сè додека не пристигне во БиХ.
По објавувањето на назначувањето, руската Амбасада во БиХ реагираше со соопштение во кое се наведува дека Русија изразува „силно несогласување“ со овој чин.
– Игнорирањето на принципот на консензус е флагрантно кршење на воспоставената практика за избор на висок претставник во БиХ, се вели во соопштението и се додава дека високиот претставник всушност треба да биде назначен од Советот за безбедност на ОН, бидејќи без него тој нема да има меѓународно правен легитимитет.
Досега во Советот за безбедност на ОН е назначен само првиот висок претставник во БиХ, Карл Билд, и нема индиции дека западните земји преку ваков механизам ќе и дозволат на Русија да го блокира назначувањето на Шмит.
Кога ќе ја преземе функцијата во БиХ, Шмит ќе биде осмиот висок претставник на меѓународната заедница во земјата, кој има за задача да го надгледува спроведувањето на цивилниот дел од Дејтонскиот договор, со кој во 1995 година се стави крај на три и пол годишната војна.