Актуелниот хрватски член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, вчера потврди дека на изборите во октомври повторно ќе се кандидира за нов мандат во највиското тело на БиХ.
-Сакам, морам да одам понатаму, не можам да застанам сега, рече Комшиќ гостувајќи на сараевската „Фејс ТВ“, кога експлицитно беше прашан дали ќе се кандидира повторно.
Во работата што ја избрал за своја професија нема откажувања, па затоа мора да оди до крај, рече тој.
Комшиќ најави дека ќе биде кандидат на неговата партија Демократски фронт (ДФ), а засега не знае дали со него ќе има уште една поголема партија.
-Сите тие имаат свои политики и мора да имаат кандидати за најважната функција, рече Комшиќ.
За натпреварот го мотивира борбата за политички концепт во БиХ во кој луѓето ќе се препознаат себеси како поединци.
Комшиќ досега трипати беше избиран во Претседателството на БиХ како хрватски кандидат. Изборниот закон на БиХ дозволува можност за два последователни мандати во државното раководство и соодветно тој има право повторно да се кандидира.
Неговиот избор за Претседател на БиХ беше повод партиите собрани околу Хрватското народно собрание (ХНС) да инсистираат на измени на изборниот закон бидејќи тврдат дека тој бил избран од Бошњаците, а не од Хрватите чии интереси треба да ги застапува.
Општите избори во БиХ се закажани за 2 октомври, а актуелниот изборен закон дефинира дека за Претседателството на БиХ се избираат еден Хрват и еден Бошњак од Федерацијата БиХ и еден Србин од Република Српска.