Силната експлозија на гасовод во северна Литванија најверојатно била предизвикана поради технички дефект, соопшти денеска шефот на државниот систем за дистрибуција на гас Немунас Бикнијус.
Во експлозијата што се случи во петокот во селото Валакелијаји пламените јазици достигнаа 50 метри, но немаше жртви.
Околу 250 жители биле евакуирани како мерка на претпазливост, а пожарот бил изгаснат до полноќ по локално време, кога луѓето се вратиле во своите домови.
– Една од можните причини за експлозијата е технички дефект на заварениот спој на дел од гасоводот. Резултатите од истрагата ги очекуваме во следните неколку дена. Не верувам дека некоја намерна акција довела до тоа, мислам дека тоа беше несреќен случај, изјави Бикнијус.
Тој гасовод транспортира гас од литванскиот пристанишен град Клаипеда до соседна Летонија.