Шефот на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Црна Гора, Владимир Билчик, ја повика официјална Подгорица да овозможи слобода на медиумите, бидејќи тоа е една од основните вредности на ЕУ и клучен елемент во процесот на пристапување во Унијата.

Билчик поднесе амандман на предлог-извештајот на таа европска институција во кој се изразува жалење поради недостиг на напредок во областа на слободата на изразување и слободата на медиумите.

Тој нагласи дека тоа е област каде пет последователни извештаи на Европската комисија за Црна Гора велат дека „нема напредок“.

– Европскиот парламент остро ги осудува сите форми на напади врз медиумите и заплашување на новинарите и повикува на итна и ефикасна истрага на нападите. За жал, некои случаи на насилство врз новинарите остануваат нерешени. Се повикува Црна Гора да обезбеди поволни услови за ефективна слобода на изразување, што е една од основните вредности на ЕУ и клучен елемент во процесот на пристапување на Црна Гора во Европската унија, се вели во амандманот поднесен од Билчик, објави весникот Дан.