Специјалниот известувач на Европскиот парламент за Србија Владимир Билчик изјави дека изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц за заемно признавање на Србија и Косово како услов за напредок во евроинтеграциите не претставува официјален став на Европската Унија.

Билчик, чиј извештај за Србија вчера го усвои надворешнополитичкиот одбор на Европскиот парламент, кажа дека дијалогот на Белград и Приштина треба да доведе до јасни односи на двете страни кои ќе бидат базирани на сеопфатен и правно обврзувачки договор.

„Официјалниот став на ЕУ, и мислам дека тоа е јасно покажано во мојот извештај, е дека е клучна нормализацијата на односите на Белград и Приштина, заснована на дијалогот на кој посредува ЕУ“, кажа Билчик.

Наведе дека во усвоениот извештај како опција се спомнува и меѓусебно признавање, но дека „не е среќен“ околу тоа.

„Се спомнува потенцијално меѓусебно признавање и во мојот извештај, но тоа се однесува на мнозинското мислење кое покажува дека повеќе држави членки на ЕУ го признале Косово. Јас не сум среќен поради тој дел од мојот извештај, искрено, не сакав тоа да го има во него, но живееме во демократија и мнозинството одлучува“, додаде Билчик.

Во извештајот за Србија се поздравува фактот што членството во ЕУ е стратегиска цел на земјата, но се изразува жалење поради недоволниот напредок, дури и назадувањето во прашањата клучни за пристапување во Унијата. Во извештајот исто така длабоко се жали што Србија не се придружи на санкциите кои ЕУ ѝ ги воведе на Русија поради инвазијата на Украина и се повикуваат властите во Белград под итно да се усогласат со одлуките на Унијата против Москва.

Билчик кажа и дека процесот на евроинтеграциите не се однесува само на едно прашање, но дека односот на Белград кон воведување санкции на Русија сигурно ќе биде важно прашање за членките на ЕУ.

„Тоа не значи дека тоа е единствено и одлучувачко прашање, но значи дека е многу важно прашање кое државите членки ќе го гледаат, како и Европскиот парламент. Топката е во рацете на нашите српски партнери, знам дека одлуката со која се соочува Србија не е лесна“, наведе Билчик