Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска на електронскиот систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки го објави тендерот за набавка на гориво за земјоделска механизација.
Оваа мерка се воведува прв пат на барање на земјоделците, за што во Програмата за директни плаќања се предвидени 200 милиони денари, а ќе бидат опфатени околу 55.000 земјоделци. Со оваа мерка, драстично ќе им се намалат производните трошоци на земјоделците, со што ќе имаат порентабилно производство и поголеми приходи а домашните земјоделски производи ќе станат поконкурентни на пазарот.
Оваа јавна набавка, соопштија денеска од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е согласно планот за јавни набваки на Платежната агенција и по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството. Претходно, согласно процедурите, се подвлекува, е објавен техничкиот дијалог на кој сите заинтересирани компании имаа можност да ја разгледаат тендерската документација и да дадат забелешки доколку имаат.
– Право на учество имаат сите странски и домашни правни или физички лица или група такви лица – понудувач кои се регистрирании за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот. За носител на набавката ќе биде избран оној економски оператор чија понуда претходно е оценета како прифатлива. Рангирањето на понудувачите ќе се врши според висината на понудените цени, стои во соопштението.
Со оваа јавна набавка Платежната агенција овозможува кофинансирање на 30 отсто од трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација. Согласно изработената методологија, висината на поддршката по корисник е утврдена во зависност од големината на површината и типот на земјоделски култури што ги одглеуваат.
Онаа компанија која што ќе го добие тендерот, се посочува во соопштението од МЗШВ, ќе треба да ги испечати платежните картици, потоа да ги достави до Платежната агенција којашто преку Подрачните единици ќе ги доделува на земјоделците.
Платежните картици ќе бидат со определeн износ врз основа на големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2018 година. Со утврдениот износ, земјоделците ќе можат да купат исклучиво „Еуродизел“ гориво за земјоделска механизација. Картичката ќе може да се користи повеќекратно се до исцрпување на нејзината вредност.