Околу 270 милиони луѓе ширум светот, колку што вкупно изнесува населението на Германија, Велика Британија, Франција и Италија, се на раб на глад, предупреди денеска директорот на Светската програма за храна на Обединети нации (WFP), Дејвид Бисли по примањето на Нобеловата награда за мир.

– Поради толку војни, климатски промени, широката употреба на гладта како политичко и воено оружје и глобалната здравствена пандемија, што експоненцијално се влошува, 270 милиони луѓе се на чекор кон работ на гладта, истакна Бисли во говорот од Рим.

Тој нагласи дека ако не се задоволат основните потреби на тие луѓе, тоа може да предизвика пандемија на глад, што би ги засенила последиците од Ковид-19.

– Ако тоа не е доволно лошо,од тие 270 милиони луѓе, опстанокот на 30 милиони луѓе зависи од нас 100 отсто, посочи Бисли.

Нобеловите награди годинава се доделуваа на многу поинаков начин од традиционалната прослава во норвешкиот главен град, поради пандемијата на новиот коронавирус.