Регулаторната комисија за енергетика ги анализира пресметките добиени од енергетските компании. Првиот човек на Комисијата, Марко Бислимовски, вели вака доставените пресметки за нив се неприфатливи, бидејќи се високи. Операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО според информациите барале поскапување на цената на својата услуга за речиси 80 проценти, а МЕПСО околу 50 %, објавува Канал 5. Но бидејќи се работи само за дел од параметрите во новата цена, Бислимовски вели се уште е рано да се каже по која цена граѓаните ќе ја плаќаат струјата од 1 јануари. Каква ќе биде таа најмногу ќе зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум идната недела но и по која цена ќе се покриваат загубите на струја.

„Она што го гледаме сега како факт е дека голем број на мали потрошувачи се вратиле назад на слободниот пазар на електрична енергија што прави одредени притисоци на цената на електричната енергија. За другиот дел не би сакал да шпекулирам бидејќи немаме податоци на цените по кои што ќе се купуваат загубите на струја и кај МЕПСО и кај Електродистрибуција а дополнително и тендерот на универзалниот снабдувач ќе биде следната недела“, вели претседател на РКЕ, Марко Бислимовски.

Премиерот Мицкоски вели како Влада се грижат за стандардот на граѓаните, но мерки, како што имаше во минатото со субвенционирање на сметките за струја не се во план. Тој уште еднаш повтори не очекува раст на цената од први јануари.

„Ние сме влада која се грижи за стандардот на граѓаните и затоа нема да ги лажам граѓаните и да кажувам дека и покрај тоа што на берзите цената на електричната енергија е 100, 200, 300 евра за мегават час а тука граѓаните ја плаќаат помалце од 60 евра дека ние ја субвенционираме – не, ние заедно со граѓаните работиме затоа што ние се грижиме за стандардот и од тие причини не очекувам зголемување на цената…“- изјави Христијан Мицкоски – претседател на Влада.