Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски вечерва соопшти дека е против сега да има зголемување на цената на електричната енергија.
Во гостување на „Топ тема“, Бислимоски рече дека не би можел да каже колку ќе биде цената на струјата во евра зашто тоа, напомена, е одлука на менаџментот на ЕСМ и на Владата.
Според него, ЕСМ треба да ја откупува произведена електрична енергија од новите фотоволтаици. Клучно е да се испрати сигнал дека купувањето електрична енергија по екстремно ниски цени и тоа како ќе биде добредојдено за да се релаксира ситуацијата во електроенергетскиот систем. Во овој контекст, Бислимоски укажа дека ЕСМ треба да го подобри производството од своите електрани, како лани, а следниот чекор што мора да го направи е да биде многу поактивна на пазарот на мало.
-Јас сум противник сега да има зголемување на цената на електричната енергија зашто се изградија многу фотоволтаици во државата. Од 1 јануари минатата година до сега има нови 256 мегавати обновливи изори приклучени на мрежа од кои 205 – 206 се фотоволтаици кои треба да ги искористиме. Во ред е да заработуваат, но ЕСМ треба да се вклучи активно и да ја откупува нивната произведена електрична енергија за да заштеди вода и јаглен и тоа да го искористиме во периодите кога ќе биде извесно дека цените на електрична енергија и природен гас ќе растат. Да си ги заштитиме домашните ресурси, хидрологијата е поволна. Да ги чуваме водата и јагленот за кога најмногу ќе ни треба. Претпоставувам дека менаџментот на ЕСМ и Владата прават анализи и калкулации, но не треба да има драстични пореметувања на цената на електричната енергија. Воведовме сериозна реформа во однос на тарифните блокови и тој тренд што го имаме треба да го искористиме. Испративме сигнал да се штеди со цел да обезбедиме и ЕСМ да произведува, но да има можност и да биде многу поактивен на пазарот на електрична енергија. Ние ќе испратиме сигнал и со воведувањето евитна тарифа, и до ЕСМ и до ЕВН Хоум – купувајте електрична енергија кога е најевтина, подвлече Бислимоски.
ЕСМ, оцени претседателот на РКЕ, од учеството на домашната Берза на електрична енергија, од купување и продавање во вистински момент, веќе остварува посериозни добивки и тоа е неговата иднина.
-Тендерот ќе биде следната недела, понеделник или во четврток, можни се поместувања. Откога ќе ги добиеме тие податоци, за кратко ќе ги имаме конечните бројки за крајната цена што ќе ја плаќаат потрошувачите. Утре ќе има тендер кај МЕПСО за набавка на загубите. Обврската кај ЕСМ повеќе е тргната, ЕСМ преку својата компанија за снабдување ќе си понуди цена како и сите останатите снабдувачи или трговци со електрична енергија. И верувам дека во тој дел, бидејќи во првите шест месеци цената за загубите во преносната мрежа беше 220 евра за мегават час, сега таа, имајќи во предвид дека се паднати и цените на берзите, дека ќе далеку пониска за последните шест месеци од годината, рече Бислимоски.