Ако се почитуваат мерките многу побрзо ќе се запре ширењето на вирусот, многу побрзо ќе престане оваа вонредна состојба и ќе се премине кон нормален начин на живот, истакна синоќа техничкиот премиер Оливер Спасовски во гостувањето на Сител.
Вели дека не се исклучува можноста за воведување на дополнителни рестриктивни мерки во други делови или на целата територија на Македонија, како што тоа денеска го одлучи Владата за Куманово.
-Јас не ги посакувам тие мерки. Меѓутоа, ако сме доведени во ситуација да треба да носиме вакви мерки ние ќе мораме да ги донесеме, рече Спасовски.
Вели дека примарна цел на Владата е да се заштити здравјето на граѓаните, меѓутоа мора да се носат мерки за помош на економијата.
-Колку помалку ќе трае здравствената криза толку помали ќе бидат ефектите врз економијата. Владата усвои втор сет на економски мерки. Носиме уредби со законска сила кои што ќе значат имплементација на овие мерки. Вчера презентиравме како ќе оди имплементацијата на мерките, што значи поддршка за работодавачите и на работниците со исплата на минимална плата од 14.500 денари, сѐ со цел да ги сочуваме работните места. Тоа е одлука што значи поддршка на работодавачите, поддршка на работниците но и зачувување на работните места, рече Спасовски, појаснувајќи дека со овие мерки опфатени ќе бидат повеќе од 87 отсто од компаниите и 250.000 работници.