ЕУ значи исчекор кон економски, но и кон социјален развој, кон технолошки развиени компании кои ќе бидат конкурентни на европски и светски пазари, кои отвораат одржливи и добро платени работни места. Компании кои се дел од вредносните синџири на глобалните корпорации, и секако, исчекор кон силна економија која е отпорна на надворешни шокови. Тоа е клучната работа која ја гледам од европските интеграции, порача зменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој учествуваше на панел-дискусија на тема: „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Македонија“, во рамки на кампањата на Владата на Република Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“.
Во дискусијата вицепремиерот Битиќи истакна дека ЕУ носи предизвик, а тоа е брзината со која сакаме да се промениме во нашето разбирање и однесување, а притоа да станеме по конкурентни за европскиот пазар.
„Секако не можете да бидете конкурентни на глобален пазар ако се мерите само на национално ниво, потребно е регионално вмрежување и затоа Планот за раст кој е насочен на регионалната интеграција и регионалниот пазар е само увертира кон заедничкиот пазар на ЕУ. Денот на полноправно членство во ЕУ ќе значи една трансформативна иднина за нашите компании, затоа што тоа ќе им донесе можност за поголем прогрес, поголем раст, поголема продуктивност и поголема конкурентност“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој посочи дека независно од евроинтегративниот пат на државта, Владата веќе има направено неколку чекори, односно процеси кои се затвораат, а кои не прават по подготвени за полноправно членство во ЕУ.
„Ќе го споменам процесот на изработка Национална развојна стратегија(НРС) за наредните 20 години, каде што еден од клучните резултати е зачленувањето во ЕУ до 2030 година, а со која воедно се скицира развојот кој што ќе го имаме во наредните 20 години. За помалку од десет години ќе ја намалиме разликата во просекот на БДП по глава на жител помеѓу нашата држава и ЕУ“, рече вицепремиерот Битиќи, притоа потсетувајќи дека со Стратегијата за паметна специјализација се дефинирани пет клучни сектори кои што треба да станат по конкурентни наспроти ЕУ.
Според вицепремиерот Битиќи, не се само во прашање само стратегиите, туку и тоа дека домашните компании веќе зборуваат за тоа да станат дел од вредносните ланци во регионот, но и понатаму, во ЕУ.
„Моментот на трансформација на нашата економија е започнат. Фактот дека имаме 919 компании кои што се во производството, во преработката, кои што се дел од вредносниот ланец во различни сектори, во различни индустрии, а потпомогнати од страна на Владата да направат сопствени инвестиции од половина милијарда евра за период од пет до шест години, за да станат по продуктивни и по конкурентни, за да може лесно да излезат на европскиот пазар, е клучот на успехот кој што го имаме трасирано овие шест години. Кога ќе ги завршат нивните инвестиции, тие ќе изнесуваат скоро една милијарда евра“, рече вицепремиерот Битиќи.
Зборувајќи за структурните и кохезивните фондови на ЕУ, вицепремиерот Битиќи нагласи дека на интегрирањето во ЕУ не треба да се гледа само како извор на финансиски средства, туку и како можност за раст и развој.
„Само во 2022 преку структурните фондови на ЕУ биле инвестирани 731 милијарда евра, што од прилика е за педесетина пати повеќе од БДП на нашата земја. Од нив 535 милијарди евра се од заедничкиот буџет на ЕУ, додека останатите се контрибуција на градовите, регионите и државите кои се корисници на овие фондови. За ова зборуваме, за давањето на можност за растот на компаниите да не биде оставен само на себеси, туку да им се помогне да ја дуплираат, да ја забрзаат нивната конкурентност наспроти заедничкиот пазар, затоа што таму ќе се справуваат со пазар од 500 милиони потрошувачи. Сите домашни компании кои во овој момент се конкурентни за тој пазар, во моментот на влегување во ЕУ ќе бидат за десет пати поголеми. Станува збор за избор, дали сакаш да бидеш десет пати поголем од тоа што си денеска, или да си некаде на средината на конкуренцијата на европскиот пазар, или пак сакаш да останеш последен“, рече вицепремиерот Битиќи, притоа посочувајќи дека ЕУ создава можности да имаме подобро образование, подобро здравство, подобра животна средина, и секако, подобра економија, која што ќе биде двигател на промените во наредниот период.