„Ја слушнавме и прифативме пораката која ни ја упативте на 24-ти април. Го имавте тоа право и слобода да ни ја испратите таа порака во фер и демократска атмосфера, која грижливо ја градевме седум години“, вели во видео обраќање Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Во видео пораката на Битиќи и дел од кандидатите и кандидатки за пратеници на Коалицијата за европска иднина во ИЕ2 (Марко Михаиловски, Билјана Муиќ), се вели дека имаме избирачки процес кој доликува на една европска и демократска државата.
„На избирачките места не ве принудувавме да климате со главата, кога на ВМРО ДПМНЕ идеалот им беше од типот на ‘човечињата идаат и гласаат и ќутат’ – имавте можност својот глас да го дадете без страв и уцени. Слободно!“, се порачува во видеото.
„Демократијата не напредува во молк и согласување, со уцени и закани, таа бара дијалог, со вас, граѓаните. Затоа и ве слушаме, ги прифаќаме критиките, се поправаме. Ние сме партија која работи и греши, но и се поправа, а за тоа имаме јасен план и програма. А тоа нема сами да го направиме, во коалиција сме со вас за да ги одбраниме нашите европски вредности и нема да се откажеме од борбата за напредна и прогресивна Македонија“, се вели во видео обраќањето на Битиќи заедно со дел од кандидатите и кандидатки за пратеници на Коалицијата за европска иднина во ИЕ2.