Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, домашните компании ќе инкасираат 650 милиони евра.
Во договорот стои дека 51 процент мора да бидат домашни компании како изведувачи и кога договорот е 1,3 милијарди евра, тоа значи дека 650 милиони евра ќе завршат кај домашните компании, изјави Битиќи за емисијата „Стадион“ на радио „Канал 77“, додавајќи дека никаде експропријацијата на земјиштето не се вклучува во тендерската документација.
Битиќи рече дека Коридорот 8 е ставен во паневропските коридори, што значи дека за прв пат Европската Унија може да ни дава финансиски средства за изградба на патиштата за што може да аплицираме секоја година.
Во однос на владината одлука за замрзнување на цените на дел од прехранбените производи, Битиќи истакна дека ваквиот чекор го преземаат само во ситуација кога другата страна не се однесува морално и етички.
Како Влада сме покажале дека сакаме да помогнеме и помагавме, но кога јас субвенционирам компанија во време на криза, го правам тоа да му биде полесно, а не да го зголеми својот профит, го правам за граѓанинот да има поевтини цени, нагласи Битиќи.