Партиите на Албанаците во Македонија ДУИ и ВРЕДИ меѓусебно се обвинуваат која повеќе од нив работи за „српски свет“ во Македонија. Во продолжение ги објавуваме соопштенијата на двете партии:

ВРЕДИ: ДУИ е алатка на Белград и промотор на српскиот капитал во Македонија

ДУИ одамна престана да биде партија што ги штити интересите на Албанците во Македонија. Под нејзино водство, земјата беше преплавена со сомнителен српски и црногорски капитал, отворајќи го патот за опасно економско и политичко влијание од Белград. Во јули 2021 година, кога Бујар Османи беше министер за надворешни работи, додека клучните економски ресори, како што се економијата и финансиите, беа во рацете на луѓе блиски до Али Ахмети, ДУИ даде зелено светло на српската компанија МТЕЛ да влезе на нашиот пазар. Без нивно одобрение, оваа компанија немаше да добие никаква лиценца, се наведува во соопштението на ВРЕДИ, што МИА го пренесува интегрално.

Истата влада, под влијание на ДУИ, дозволи српскиот и црногорскиот организиран криминал да влезе во индустријата на казината во Македонија. Од три доделени лиценци, две завршија во рацете на сомнителни компании од Србија и Црна Гора. Денес, кога ДУИ лицемерно зборува за опасноста од српскиот капитал, граѓаните треба да се сетат дека тие беа оние што ги отворија вратите и го донесоа овој мрачен капитал во земјата. Документирани се најмалку 11 средби на Бујар Османи со српски функционери, додека нема средба со претставници од Косово. Како престседавач ОБСЕ, неговата политика беше во согласност со интересите на Белград, а на штета на Приштина. Ова е јасен факт дека ДУИ не ги претставува албанските национални интереси, туку дејствува како алатка на српската дипломатија.

Во 2025 година, ДУИ отворено се обидува да ја дестабилизира државата, водејќи политика на уцени и блокади. Оваа стратегија служи само на Србија и сериозно ја загрозува евроатлантската ориентација на Македонија.

ДУИ е партија која го продаде достоинството на Албанците за лични и клански интереси. Тие го донесоа „српскиот свет“ во срцето на земјата, го воведоа МТЕЛ, дозволија пенетрација на српските подземни структури во локалните казина и, преку Бујар Османи, работеа за Белград и против Косово.

Но, граѓаните сега ја разбраа вистината. ДУИ повеќе не е обединувачка сила за развој, туку партнер на српската политика која има за цел да ја ослабне и дестабилизира Македонија.

ВЛЕН ќе продолжи јасно и гласно да застанува против оваа антидржавна агенда, бескомпромисно бранејќи ги евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците во Македонија.

ВРЕДИ

ДУИ: Ветија албанска банка, донесоа српска банка и „Српски свет“

ВРЕДИ во изборната програма за 2024 година вети основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој. Денес, наместо да го исполни ова ветување, како слуга на ВМРО, ВРЕДИ ги отвори вратите за навлегување на „Српскиот свет“ во банкарскиот сектор на Северна Македонија преку „Алта банка“, наведува ДУИ во соопштение, што МИА го објавува интегрално.

Ова не е обична финансиска инвестиција, туку директен политички и економски проект на Белград за преземање контрола врз стратешките институции на државата. Банката не е само приватна компанија – таа е механизам за политичко влијание, перење капитал и создавање економска зависност на земјата од интересите на Србија.

Фактите се јасни:
• Поставувањето на Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на ВМРО, на чело на банката е резултат на личното лобирање на Мицкоски кај Вучиќ.
• Професионалците од финансискиот сектор предупредија за ризикот по угледот на државата пред ЕУ и меѓународните институции – владата и безбедносните институции молчат.
• Претседателката и нејзиниот кабинет го релативизираат проблемот, претставувајќи го како „нормална“ инвестиција, иако сите знаат дека се работи за политички инструмент на „Српскиот свет“.

Наместо да гарантираат албански капитал и рамномерен економски развој како што ветија, ВРЕДИ и нивните партнери го предаваат банкарскиот сектор – срцето на економијата – во рацете на Белград.

Ова не е економско прашање, туку прашање на национална безбедност. Српска банка значи српско влијание врз кредитите, бизнисите и финансиското одлучување во земјата. Тоа значи контрола на стратешките сектори и слабеење на евроатлантската ориентација.

ВРЕДИ лаже на секој чекор:
• Ветија албанска банка, донесоа српска банка.
• Ветија европска интеграција, донесоа „Српски свет“ и руско влијание.
• Ветија независно одлучување, донесоа зависност од Вучиќ и Белград.

ДУИ повторно нагласува дека Северна Македонија не смее и не треба да дозволи банкарскиот сектор и стратешките институции да бидат преземени од дестабилизирачките интереси на Белград. Финансискиот интегритет и евроатлантската ориентација не се предмет на преговори. Молкот е соучесништво.

Октомври доаѓа – и тој ќе биде народен референдум за да се каже „Не“ на ЛАГИТЕ, „Не“ на зависноста од Белград и „Да“ за достоинствено, чесно и резултатно претставување.

ДУИ 

фото: архива