Советот на Општина Битола донесе одлука со која се овозможува средните и основните училишта во градот чиј основач е локалната самоуправа да формираат паралелки со помал број ученици.
Со одлуката на општинските советници се создадени услови за рационално користење на наставниот кадар и поефикасно изведување на наставниот процес во паралелките на скоро сите средни и основни училишта, вклучувајќи ги и подрачните училишта во Битола.
Според прегледот на училишни паралелки, во новата учебна година ќе има паралелки и со по седум ученици, а бројките варираат зависно од извршениот упис од претходна во наредна учебна година, но нити една паралелка во градот нема да биде над законски дозволениот максимум, информираат од Општина Битола.
-Сите основни и средни училишта во Битола новата учебна година ќе ја почнат подготвени и без финансиски долгови. По подолго време училиштата во градот немаат блокирани финансиски сметки, вратени се над четири милиони евра долгови и сега училиштата може да продолжат успешно да работат. До официјалниот почеток на новата учебна година во најголем дел од училиштата се вршат комунални и инфраструктурни интервенции, и се подготвуваат распоредите на часовите за наставниот процес, информира Емилија Костурски, заменик градоначалник на Битола.
Во Битола има 12 основни и шест средни училишта чиј основач е Советот на Општина Битола.