Од самиот старт до крајот на излагањето на воведните зборови од обвинителката во судницата, насилникот Стојанче Јовановски се смеел и мафтал со глава во знак на негодување, а во делот кога обвинителката кажала како настапила смртта со прекин на мозочните и другите витални функции кај Ивана и Катја по падот на бетонот пред висококатницата, тој се наведнал на клупата, покривајќи си го ликот.
Во воведните зборови, обвинителката цитирала највулгарни зборови и најстрашни закани по животот со кои ѝ се обраќал Јовановски на Ивана додека ја тепал, а таа губела свест, пренесоа медиумите.
Според обвинението, тој извршил загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство. Јовановски подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата, која спрема него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство.
„Обвинетиот сè почесто ја тепал и ја омаловажувал во нивниот дом во присуство на нивната малолетна ќерка, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка. Кога на критичниот ден жената повторно била изложена на неговото психичко и физичко малтретирање на повеќе локации, како и на неговите закани и навреди, се вратила во станот заедно со детето. Побарала да се качи сама со ќерката во станот за да се спакува и да замине, но обвинетиот инсистирал да се качи со неа каде продолжил да ѝ се заканува. Сведокот на настанот Мартин Саздов го оттурнал обвинетиот и заедно се симнале пред зградата за да ја почекаат оштетената да се спакува. Но, малтретирањето ја довело оштетената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв, безнадежност и чувство на безизлезност, и таа без разумно да управува и да ги контролира своите постапки, извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете. Обвинетиот Јовановски издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата“, рече обвиниелката, пренесе СДК.МК.
„На жрвата и упатувал вербални закани ‘ќе те убијм ку*во, ќе видиш што ќе ти направам. Со умисла на повеќе локации во Скопје вршел семејно насилство“, рече обвинителката Адела Бојчевиќ.
Пред судот, Јовановски рече: „За првите две дела разбирам, за третото не. Не се согласувам во потполност“. Во текот на излагањето, тој и се расплака, тврдејќи дека не бил сослушан и дека неправедно се товари.
„Ја доведоа во безизлезна состојба, семејството ми е уништено. Мене ме присилуваа да признам вина за сите три дела“, изјави обвинетиот, посочувајќи го како одговорен сведокот Мартин Саздов, пренесе Скопје1 од судењето.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а постапката продолжува со изведување докази и сослушување сведоци.
На 2 март на повеќе локации во Скопје, при вршење семејно насилство телесно ја поврeдил неговата сопруга. Ја удирал со шлаканици и тупаници, нанесувајќи ѝ телесни повреди, од кои таа во еден момент и изгубила свест. Истиот ден, на паркингот зад Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот упатил и сериозни закани кон оштетената дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело, со што предизвикал кај неа чувство на несигурност, загрозување и страв.




