2011-та и 2012-та година, беа најцрните за Македонците во странство, кога за неполна година шеснаесет македонски граѓани загинаа надвор од границите на својата татковина. Повеќето од нив беа студенти на привремена печалба.
Некои од нив животот го загубија во неразјаснети околности, други беа убиени, а некои починаа во многу бизарни несреќи.
За да биде трагедијата уште поголема, сите настрадани се млади лица, од кои најстарата жртва имаше 40 години, а најмладата имаше само дваесет години.
Црниот билтен за судбината на Македонците во странство, во 2011, беше отворен на 21 март, кога земјотрес го погоди далечниот Нов Зеланд. Тогаш загина Тамара Цветанова, педијатар по професија, која во времето на земјотресот остана затрупана под урнатините на училиште во градот Крајсчрч, каде што била вработена. Медиумите од Нов Зеланд тогаш ги пренесоа очајните повици за помош на нејзиниот сопруг Среќко, кој веднаш дошол на местото, но не успеал да ја спаси Тамара.
По само два месеци, во земјава стигна вест дека уште една Македонка загинала надвор од земјава. Станува збор за Марија Костова, 22 годишна студентка од Штип. Несреќната штипјанка била прегазена од џип во Панама Бич, на Флорида. За да биде трагедијата уште поголема, таа загинала на само десетина метри од станот во кој живеела за време на нејзиниот престој во САД.
Девојката заминала во САД преку програма за размена на студенти.
Инаку, и во моментов неколку илјади студенти од земјава се наоѓаат во странство преку програми за размена на студенти. Македонските студенти масовно ги користат програмите за размена на студенти, не толку за да го усовршат своето образование, колку за да спечалат работејќи на црно во САД и во земјите од Западна Европа, и да им олеснат на семејствата каде што родителите најчесто ја загубиле работата во периодот на транзицијата.
Само еден месец по оваа несреќа, стигна уште една вест за прерано завршен млад живот на Македонка во странство.
Дваесет и едногодишната Јана Киш, студентка од Скопје, се удави во водите на Индиски Океан, на деветти август 2011 година. Во Индија претстојувала преку програма за размена на студенти.
Таа била трета година на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во океанот влегла да се капе заедно со уште еден студент, но ги поклопил голем бран, и двајцата ги повлекол длабоко во океанот. Спасувачите стигнале предоцна, несреќните студенти веќе биле мртви.
Еден ден пред кобниот миг, Јана Киш преку мобилниот телефон испратила порака до пријател во Скопје, а во неа пишувало:
„Го живеам животниот сон“… Тоа биле зборовите што таа му ги испратила до својот пријател Благој Трајковски, со кого останала во контакт по нејзиното заминување во Индија, каде што требало да престојува неколку месеци.
Само неколку дена по веста за трагедијата, во нејзиното Скопје и во нејзиното семејство се случи уште една трагедија, почина и нејзиниот татко. Тој не можел да ја поднесе смртта на ќерката. Кога ја чул веста, му се слошило и се онесвестил. Бил пренесен во болница, каде што и починал.
Тие денови, на сосема друг крај од светот, значи истиот месец и истата година, во водите на Егејско Море во Грција, на речиси идентичен начин се удави четириесетгодишна велешанка.
Соња Панова го губи животот додека заедно со својот сопруг летува во грчкото туристичко гратче Асправалта. Нејзиниот живот трагично завршува кога капејќи се во морето била повлечена од голем бран, слично како и Јана Киш. Сопругот се обидел да ја спаси, но не успеал.
Но тука не завршува кобниот август 2011 година.
Во државата Њујорк во САД загина дваесетгодишна штипјанка, при налет на ураганот наречен Ајрин.
Штипјанката Ивана Тасева, како и поголем дел од другите жртви од Македонија, била студентка што во Њујорк заминала преку програма за размена на студенти.
Таа била пронајдена мртва во автомобил заедно со уште неколку патници во возилото. Како последица на страотниот ураган Ајрин, разбрануваното море го повлекло автомобилот од автопатот во своите длабочини, а потоа го исфрлило надвор со несреќните жртви. Сите петмина во возилото биле удавени.
И не поминува ниту еден месец, кога во септември 2011 нова црна вест пристигнува во Македонија, а која вели: од залутан куршум несреќно загина триесет и петгодишната Зорана Лебедиќ од Скопје.
Таа настрадала од залутан куршум, на 23 септември 2011, во сојузната американска држава Флорида.
Несреќната скопјанка била погодена кога со велосипед, со кој се враќала дома, налетала на оружен грабеж. Еден од истрелите што ги испукале разбојниците бил кобен за Лебедиќ.
А по таа вест не поминува ниту еден ден кога светските агенции на 24 септември јавуваат дека во Минхен, Германија, во неразјаснети околности загинува Михаил Митевски, студент од Делчево.
Според податоците од германските власти, Михаил загинал во метро во градот при пад од платформа во метрото. Тој најверојатно се лизнал и паднал на шините, при што ја изгубил свеста. Неколку минути во несвест биле доволни на него да налета воз и да му го одземе животот.
Тој имаше само 23 години, а во Германија заминал на привремена печалба како студент од Економскиот факултет во Скопје, преку меѓународна размена на студенти.
И не помина ниту една недела од смртта на студентот од Делчево, кога во земјава пристигна вест за убиен Македонец во Австралија.
Во австралиското гратче Лејк Хајт во Илавара беше убиен Сашо Ристовски.
Тој имал триесет и седум години, а бил застрелан по расправија со три непознати лица од непознати причини. Според австралиските медиуми, двајца од напаѓачите му се заканувале на Ристевски и на неговите родители, а потоа и пукале во него, по што избегале.
Соседите на Ристевски по настанот изјавиле дека слушнале звучни расправии во куќата на македонското семејство.
Кобната 2011-та за Македонците во странство завршува со можеби една од најбизарните смртни случаи, во кој загинува 23-годишниот валандовчанец Стојмир Тодоровски.
Тодоровски беше припадник на француските легионери, воена единица составена од странски војници што професионално се ангажирани од француската војска, и во моментите на загинувањето бил тргнат на пат кон Џибути, каде што бил испратен во воена мисија, а животот му заврши во областа Корзика, Франција.
Тој загина кога автомобилот во кој бил совозач удрил во дива свиња на патот од Понте Лекиа кон Пиетралба.
Од силината на ударот свињата се дигнала во воздух и завршила во шофершајбната на автомобилот, каде се наоѓале Тодоровски и уште еден легионер. Тодоровски паднал во кома, а по еден ден им подлегнал на повредите.
На 4 јануари 2012 во Сиднеј загина триесет и седумгодишниот Нил Тодоровски, Македонец-моторџија од австралиската улична банда „Осамени волци“. Тој беше застрелан во главата во престрелка што се случувала низ улиците на Сиднеј. Нил беше спектакуларно погребен на 17 јануари откако беше ставен во позлатен ковчег вреден 42.000 австралиски долари, истиот модел на ковчег во кој беше погребена светската поп-икона Мајкл Џексон. Нил беше погребен на гробиштата на Македонската православна црква „Свети Никола“ во градот Камбера.
Но по смртта на Нил во далечната Австралија, на само десетина километри од главниот град Скопје, на 25 јануари 2012, во соседна Србија животот го губат тројца тетовци, во тешка сообраќајна несреќа што се случи во близина на Бујановац.
Тие се враќале кон Македонија и непосредно пред да стасаат на границата, нивниот автомобил марка „ауди“ се судрил со камион со грчки регистарски таблишки.
Автомобилот бил потполно уништен и завршил под камионот, а тетовците Бесим Фетаи, Фани Фетаи и Осман Османи починале на самото место.
И не поминуваат ниту петнаесеттина дена од оваа несреќа кога на 11 февруари 2012, во сообраќајна несреќа во Чикаго, животот го губи Дарко Миленковски. Дваесет и тригодишен Македонец од Делчево.
Тој паднал од мотор, при што со тешки повреди бил префрлен во болница. По неколку дена минати во кома, починал.
Последна на списокот во кобната 2012 година за Македонци во странство е Австралијката со македонски корени, Дејна Вулин.
Дваесет и петгодишна девојка со македонско потекло пред четири дена беше монструзно полиена со бензин и запалена од момче во нејзиниот стан.
Таа имала изгореници на 60 отсто од телото, веднаш била оперирана, но сè уште се наоѓа во кома и нејзината судбина е неизвесна.