БКИНКЕН НА САМИТОТ НА НАТО: Авионите Ф-16 се на пат кон Украина

/ 10.07.2024

Денеска во Вашингтон се одржува вториот ден од тридневниот самит на НАТО.

На Самитот се одбележува 75-годишнината од основањето на воената алијанса. Клучни теми се помош за Украина, стратегија за одвраќање и одбрана и зајакнување на партнерството.

Американскиот претседател Џо Бајден за време на својот вчерашен говор вети дека ќе ѝ достави на Украина пет нови стратешки системи за противвоздушна одбрана.

Во текот на денот се очекуваат изјави од шефовите на држави и влади на другите членки на НАТО, како и од генералниот секретар на Алијансата во заминување, Јенс Столтенберг.

Норвешка оваа година ќе ѝ донира на Украина шест борбени авиони Ф-16, соопшти кабинетот на норвешкиот премиер.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Шторе им се обрати на новинарите во Вашингтон. „Имаме 32 демократии и секоја година има некои избори во демократиите, а создавањето силно единство меѓу демократиите ретко е лесно. Меѓутоа, кога ќе успеете, тоа единство е исклучително силно. И мислам дека е силно сега“, рече тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека е благодарен на земјите кои презеле чекори за да им помогнат на украинските воздухопловни сили да набават авиони Ф-16. „Благодарен сум на Соединетите Американски Држави, Данска и Холандија што преземаа практични чекори за постигнување на целта на сите Украинци: зајакнување на украинските воздухопловни сили со авиони“, рече тој.

„Ф-16-овите го приближуваат праведен и траен мир, покажувајќи дека теророт мора да биде победен секаде и во секое време. Нашиот тим продолжува да работи во Вашингтон за да постигне договори кои ги зајакнуваат одбранбените способности на Украина“, додаде тој.

Борбени авиони Ф-16 од американско производство се на пат за Украина, потврди американскиот државен секретар Антони Блинкен. Тој рече дека очекува напредни борбени авиони да го бранат украинското небо уште „ова лето“.

Во заедничката изјава на лидерите на САД, Данска и Холандија, се наведува дека данската и холандската влада се во процес на донирање на авиони Ф-16 на Украина, со поддршка од САД. „Ние сме благодарни на Белгија и Норвешка што ветија дополнителни авиони и на другите членови на Коалицијата на воздухопловните сили за нивната поддршка“, се вели во соопштението.

Ова ќе биде историски самит, рече шефот на НАТО Јенс Столтенберг, додавајќи дека очекува да бидат донесени „важни одлуки“ за иднината. „Што се однесува до Украина, очекувам сојузниците да се договорат за значаен пакет“, најави тој.

Според Столтенберг, пакетот треба да го содржи следново:

• обезбедување на безбедносна помош и обука од страна на НАТО

• Долгорочна посветеност на континуирана поддршка

• Нови најави за директна поддршка, вклучително и противвоздушна одбрана

• Нови билатерални договори за безбедност

• Зајакнување на работата на интероперабилноста.


Од истата категорија