На унгарскиот премиер Виктор Орбан еден од приоритетите му беше да ги охрабри Унгарците да стапат во брак и да основаат семејство за да го спречи падот на населението и во тоа успева. Тој воведе бројни даночни олеснувања и други програми во корист на семејството.
На пример, преку годинешната програма, тој им понуди на паровите кои се венчаат пред невестата да наполни 41 година, субвенциски кредити до 10 милиони форинти (33 000 долари). Третина од кредитот ќе им биде простена ако имаат две деца и целиот долг ќе им биде избришан ако имаат три.
Централното биро за статистика (КСХ) објави дека веќе има зголемување од 20 отсто на бројот на лица кои се венчале во текот на првите девет месеци од оваа година, што е најголем пораст од 1990 година.
„Програмата за стимулирање на семејството беше лансирана на 1 јули, кога беа воведени нови придобивки, а предуслов е паровите да стапат во брак“, наведе Габриела Геци (КСХ) како една од причините за зголемувањето на браковите.
Само во септември, 29 проценти повеќе парови се венчале отколку во истиот месец лани. Унгарија оваа година имаше најмногу септемвриски свадби од 1979 година.
Во почетокот на месецов, Владата објави дека за новите субвенциски кредити се пријавиле повеќе од 50.000 парови.