Лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, кој е осуден за злосторства против човештвото извршени во текот на 1990-тите години во Војводина, купи куќа во Хртковци, место кое е синоним за прогон на Хрватите во Срем во Војводина, пишува белградски „Блиц“.
„Лидерот на радикалите се враќа меѓу луѓето што ги прогонуваше“, е наслов на текстот во кој се наведува дека Шешељ купил имот на име на својот син Михаило, во центарот на Хртковци, на 300 метри од Католичката црква Св. Климент.
Реагирајќи на таа вест, претседателот на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина, Томислав Зигманов изјави дека овој чин ќе доведе до неспокој меѓу преоостанатите Хрвати во тоа село во Срем.
– Додека Република Србија јасно и недвосмислено не се одреди кон пресудата на судот во Хаг за злосторства против Хрватите во Војводина и не презеде соодветни мерки, осудениот воен злосторник Воислав Шешељ ќе продолжи да го прави она што го сака, изјави Зигманов за хрватските медиуми во Војводина.
Враќањето на Шешељ на местото на страдањата на Хрватите, додаде тој, „не само што е страшно, туку наголемо ги банализира злосторствата, што доведува до немир кај локалните Хрвати“.
– Ова не би требало да ги загрижува само Хрватите во Војводина, туку и властите на Србија, а свој интерес треба да покаже и Хрватска, како и меѓународните институции и организации, констатираше лидерот на Хрватите во Србија.
Пред две недели, поради силна полициска блокада, лидерот на радикалите Воислав Шешељ со активистите не успеа да влезе во Хртковци, а најавениот митинг го одржа во блиското село Јарак, по што настана инцидент.
Претседателот Александар Вучиќ тогаш изјави дека „се случил помал инцидент, одговорните ќе бидат уапсени, а сето останато поминало мирно“.
Селото Хртковци во 90-тите беше синоним на протерувањето на Хрватите од Војводина, што се случи по говорот на Шешељ во 1992 година , кога 700 Хрвати беа малтретирани и протерани од Србија, за што според правосилната судска пресуда во Хаг, Шешељ е осуден за воени злосторства на 10 – годишна казна.