Сѐ додека постојат САД, Израел никогаш нема да мора сам да се брани, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на посетата на Тел Авив.
Блинкен истакна дека му испраќа порака на Израел дека Америка секогаш ќе биде со него и дека нема да мора да се брани, иако можеби е доволно силен за тоа.
Американскиот државен секретар истакна дека првите пратки американска воена помош веќе се пристигнати во Израел, а следните се веќе на пат.
Блинкен рече дека има огромна двопартиска поддршка во американскиот Конгрес за безбедноста на Израел и дека Тел Авив ќе добива континуирана поддршка од САД.
Блинкен, по разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, рече дека е во посета на Израел во неверојатно тешко време за израелскиот народ и за целиот свет.
Блинкен ги предупреди другите земји и актери да не се мешаат во конфликтот меѓу Израел и Хамас бидејќи САД, како што наведе, му го чуваат грбот на Тел Авив.
„Хамас сака да го уништи Израел и да ги убие Евреите“, истакна Блинкен.
Тој, сепак, изјави дека мора да се преземат мерки на претпазливост за да се избегне повреда на цивили од сите националности.
Најмалку 25 Американци беа убиени во нападот на палестинските исламистички милитанти на Хамас во Израел, рече Блинкен, додавајќи дека Вашингтон тесно соработува со Израел за да обезбеди ослободување на луѓето кои Хамас ги зеде како заложници.
Блинкен се осврна и на лични моменти, раскажувајќи ја приказната за неговото еврејско потекло и неговиот дедо кој побегнал од погромите во Русија и неговиот очув кој ги преживеал нацистичките концентрациони логори.
Американскиот државен секретар рече дека затоа разбира колку масакрите извршени од милитантите на Хамас будат болни спомени за Евреите ширум светот.
„Невозможно ми е да гледам фотографии од убиени семејства, како мајка, татко и три мали деца се убиени додека се засолнувале во нивниот дом во Кибуц Нир Оз, без да мислам на сопствените деца“, рече Блинкен, објави „Тајмс оф Израел“.
Блинкен истакна дека ова е само еден од низата терористички акти на Хамас што може да се споредат со најлошите напади на Исламската држава.
Тој исто така изјави дека секој што сака мир мора да го осуди владеењето на теророт на Хамас и дека Израел има право и обврска да се брани.
Блинкен оцени дека, во исто време, народот на Израел покажал неверојатна храброст и солидарност и го наведе примерот на постар човек кој возел повеќе од еден час до кибуц под опсада вооружен само со пиштол и ги спасил своите деца и внуци.
Американскиот државен секретар го поздрави создавањето на израелската влада на национално единство.