Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Твитер напиша дека во следните денови ќе отпатува на Блискиот исток, откако стапи во сила прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас.
– Ќе патувам во регионот во наредните денови и со нетрпение очекувам да се сретнам со министерот за надворешни работи и други израелски, палестински и регионални лидери, напиша Блинкен.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс претходно изјави дека државниот секретар Ентони Блинкен ќе отпатува во регионот во наредните денови за да се состане со израелски, палестински и регионални лидери за да разговара за реконструкција и заедничка работа на изградба на „подобра иднина за Израелците и Палестинците“.
Блинкен разговараше со неговиот израелски колега Габи Ашкеназе и двајцата изразија благодарност за посредувањето на Египет, чија улога вчера ја поздрави и американскиот претседател Џо Бајден.
Примирјето стапи во сила рано утрово, со што заврши повеќедневниот конфликт кој беше најкрвавиот во последните неколку години.