Оваа операција беше спроведена од страна на Националната разузнавачка организација (MİT) и влезе во историјата како најобемна размена на заложници меѓу САД, Русија и Германија во последниве години.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека американскиот маринец Пол Вилан, американскиот новинар Еван Гершкович и новинарката на Радио Слободна Европа Алса Курмашева, кои денеска учествуваа во размената на затвореници од Русија, моментално се на пат за Америка.
„Преку извонредните напори на луѓето во Стејт департментот и низ нашата влада, Соединетите Држави успеаја да постигнат договор за обезбедување на слободата на (рускиот опозициски политичар) Владимир Кара-Мурза и дванаесет други затвореници во Русија. Им благодариме на турската Влада за обезбедување локација за безбедно враќање на овие лица во Америка и Германија“, рече Блинкен, според Стејт департментот.
Блинкен им рече на семејствата на оние кои се уште се затворени дека САД нема да ги заборават и нема да мируваат додека семејствата повторно не се обединат.
Турската Национална разузнавачка организација (МИТ) ја предводеше успешната размена на 26 затвореници во која беа вклучени седум земји, една од најобемните операции за размена во последниве години.
Разменети се вкупно 26 лица кои со седум авиони се превезени во Анкара – по еден од Германија, Полска, Словенија, Норвешка, Русија и двајца од Соединетите Американски Држави, наведува Anadolu Agency, повикувајќи се на безбедносни извори. Во размената беше вклучена и Белорусија.
Десет заложници, меѓу кои и две деца, биле префрлени во Русија, додека 13 биле испратени во Германија и тројца во САД, јавува Анадолија.
Изворите велат дека операцијата, која се издвојува како најобемна меѓу САД, Русија и Германија во поновата историја, била олеснета од МИТ, која воспоставила клучни канали за дијалог.
Меѓу разменетите затвореници се и новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович и американскиот маринец Пол Вилан, кои беа затворени во Русија, соопшти Ројтерс.
Гершкович беше уапсен во март 2023 година и осуден на 16 години затвор со максимална безбедност поради шпионажа.
Темата за можната размена на Гершкович беше покрената во интервјуто на рускиот претседател Владимир Путин и американскиот новинар Такер Карлсон – рускиот претседател спомна човек кој „од патриотски причини елиминирал бандит во една од европските престолнини“.