Во два наврати пред почетокот на војната во Украина во 2022 година, во септември и декември 2021 година, САД испратија голема количина оружје во Киев за да се осигураат дека земјата ќе може да се одбрани од претстојната руска инвазија, изјави денеска Ентони Блинкен.
Американскиот државен секретар во заминување, Ентони Блинкен, во интервју за „Њујорк тајмс“ рече дека американските власти разбрале дека ќе се случи инвазијата на Украина, поради што сакале да се уверат дека сојузниците и Украина се подготвени.
„Пред руската агресија, почнувајќи од септември и повторно во декември (2021 година), тивко испративме многу оружје во Украина за да се увериме дека тие го имаат она што им е потребно за да се одбранат, работи како што се (проектили) „Стингерс“. „Џавелинс“, кои беа клучни во спречувањето на Русија да го преземе Киев, да ја преврти земјата и да ја избрише од картата“, рече Блинкен.
Тој посочи дека неколку фактори влијаеле на тоа кое оружје било испратено во Киев, вклучително и дали украинските војници знаат како да ракуваат со него, дали знаат како да го одржуваат, како и дали ова оружје е дел од „кохерентен план“.