Владата на американскиот претседател Џо Бајден може да воведе нови санкции за Северна Кореја, но и за Русија, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен во интервју во кое го критикува поткопувањето на автономијата на Хонг Конг од страна на Кина и предупредува на заканата од иранската нуклеарна програма.

Блинкен за Ен-Би-Си Њуз изјави дека алатките за денуклеаризација на Корејскиот полуостров вклучуваат дополнителни санкции во договор со сојузниците на САД, како и дипломатски стимуланси, кои тој не ги наведе.

Во врска со протестите низ Русија, тој рече дека е „длабоко вознемирен од насилното угнетување“ на демонстрантите и апсењата на луѓето кои бараат ослободување на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

– Руската Влада прави голема грешка ако верува дека ова нè засега, рече тој во интервјуто. – Ова се однесува на нив. Нивните влади. Русите имаат фрустрација поради корупцијата, автократија и мислам дека треба да гледаат кон себе, а не нанадвор.

Во интервјуто снимено вчера, Блинкен не зборува за одредени санкции против Москва. Тој рече дека размислува за одговорот на акциите против Навални, како и за мешањето на Русите на изборите во 2020 година, хакерскиот напад Солар Винд и наводното мито за талибанците за убиство на американски војници во Авганистан.

– Претседателот не можеше да биде појасен во разговорот со претседателот Путин, рече Блинкен за телефонскиот повик на Бајден со рускиот лидер минатата недела.

Во интервјуто, Блинкен ги критикува потезите на Кина кон Хонг Конг, велејќи дека Пекинг ја нарушува автономијата на островот и оти САД треба да прифатат жители кои бегаат од репресија.

– Ако тие се жртви на репресија од страна на кинеските власти, треба да сториме нешто за да им обезбедиме засолниште, рече тој.

Тој понатаму оцени дека недостигот на транспарентност на Кина во врска со пандемијата на коронавирусите е „голем проблем“.

Блинкен предупреди и дека Иран може да произведе материјал за нуклеарно оружје.

– Може да поминат неколку недели ако Иран продолжи да ги укинува ограничувањата наметнати со нуклеарниот договор од 2015 година, рече тој за договорот од кој поранешниот претседател Доналд Трамп ги повлече САД, по што и самиот Иран постепено се откажа од одредени одредби.