Американскиот шеф на дипломатијата Ентони Блинкен денеска изјави дека војната во Украина „веројатно ќе потрае значителен временски период“.

На прес-конференција во Брисел, Блинкен рече дека „Украина постигнува вистински, видлив напредок во контраофанзивата, во обид да врати делови од земјата кои беа окупирани од Русија“.

„Многу руски војници во Украина не ни знаат што воопшто прават таму. Некои не ни знаеја каде ги испраќаат. Извештаите покажуваат дека имаат морални проблеми. Кога не знаеш за што се бориш, тоа не е одржливо“, рече Блинкен, како што пренесува Си-Ен-Ен.

„Русија сега има значителни воени ресурси. Таа спроведува ужасни, неселективни акции. Украинците плаќаат висока цена. И сега на првата линија на фронтот, во и околу областа Керсон, дури и додека напредуваат, тие ја плаќаат цената. Но, тие се борат за својата татковина“, вели американскиот шеф на дипломатијата.

Тој смета дека Русите на крајот ќе сфатат што значи оваа инвазија за нив.

„Како тоа што го прави Путин ги подобрува нивните животи? Како тоа им помага? Каква иднина ќе имаат, какви можности ќе имаат? Никакви, токму спротивното. Путин ја отсекува Русија од светот. Тој ги исцрпува ресурсите што му се потребни на рускиот народ“, рече Блинкен.

Тој додаде дека „нема проток на информации во општеството на Путин“. „Но, верувам дека граѓаните на Русија ќе дојдат до нив. Русите мора да се запрашаат зошто губат толку многу животи, обидувајќи се да одземат земја што не е нивна“, рече Блинкен.