Близнаците од Велика Британија, Бил и Џек Кејси го прославија својот 100-ти роденден во друштво на пријатели и добија честитка и од кралот Чарлс.

Браќата близнаци ја прославија оваа извонредна годишнина од животот заедно во Дом за стари лица во Оксфордшир. Фотографиите од прославата ги покажуваат како уживаат во веселата атмосфера со хартиени круни на главите и насмевки на лицата.

Постариот брат Бил, кој е роден десет минути пред Џек, открил она што го смета за тајна за долг и среќен живот. „Здрав и чист живот, останување активен, одлучен и, секако, добри гени“, рече Бил за долговечноста, кој сè уште вежба 20 минути на ден. Во пензија, се посветил на сликарството и смета дека компјутерот е најважниот изум во неговиот живот.

„Можностите се неверојатни“, додаде тој.

Тој, исто така, сподели совет за младите луѓе: „Заинтересирајте се за спорт, особено за крикет. И останете активни.“

Служеле во британската армија

Браќата се родени во Вандсворт, јужен Лондон, и заедно се приклучиле на британската армија во 1945 година, поточно на Кралските електротехнички и машински инженери. За време на нивната служба, тие поминале 15 месеци во Малезија, а Бил со насмевка признава дека како идентични близнаци, честопати знаеле како да изведуваат разни трикови и да се забавуваат на туѓа сметка, објави Бристол Пост.

Бил ја запознал својата сопруга Џоан во 1951 година на одмор во Батлинс и двојката се венчала две години подоцна и добила син, Мартин. Семејството живеело во Сатон, Сари, каде што Бил работел како инструктор за вештини и едукатор за британската влада. Тој ја завршил својата кариера како менаџер и член на Институтот за тренери, а се пензионирал во 1984 година.

Денес, Бил живее во домот Вилијамс Плејс и персоналот го опишува како весел и топол член на заедницата. „Бил има одлично чувство за хумор и секогаш сака да се шегува со тимот и соседите. Беше чест да прославиме со него и неговиот брат“, рече менаџерката на домот Нина Вудбриџ.

Бил завршил велејќи: „Секогаш имав намера да живеам до 100 години. И еве ме, сега се упатувам кон следните 100 години“.