Бараме од претседателот на Собранието Јован Митревски, кој вчера при инаугурацијата изјави дека ќе работи во интерес на сите граѓани, итно Комисија за прашања на изборите и именувањата да одржи седница и за член на ДИК да го предложи кандидатот од албанската опозиција, Абдуш Демири, изјави Фадил Зендели, пратеник на Беса.
Според него со тој чин, новиот претседател на Собранието ќе докаже дека работи во интерес на сите граѓани а не во интерес на ДУИ и власта која се обидува да ги манипулира изборите.
Истовремено, Европскиот сојуз за промени го засилува барањето за член во ДИК. Бојкотот на собраниската работа може да се прелее на улиците со масовни собири и блокади. Стравуваат дека развлекувањето на изборот и проблематизирањето која партија треба да го предложи седмиот член на комисијата, ги наведува на мислата дека се подготвува фалсификат на изборите.
Здружената опозиција на Албанците бара веднаш да заседава Комисијата за избори и именувања, а потоа точката да се стави на дневен ред на пленарна седница.
Очекуваат подобра соработка со новиот спикер Јован Митрески и разбирање дека другиот кандидат не е претставник на опозицијата.