Кога рускиот претседател Владимир Путин објави во август дека Русија ја одобрила првата вакцина против Ковид-19, иако не ги поминала сите фази на клиничките испитувања, многумина беа резервирани и изразија скептицизам.
Но, откако оваа недела беше објавено во престижното медицинско списание „Лансет“ дека Спутник V штити од Ковид-19 приближно во иста мерка како и американските или европските вакцини, работите драстично се променија.
Руската вакцина наскоро беше одобрена од најмалку 20 земји, вклучително и Унгарија, која е членка на Европската унија, додека клучните пазари како Бразил и Индија се на чекор до одобрување. Русија сега е насочена кон пазарот на ЕУ, која се соочува со недостаток на вакцини.
Именувана по првиот сателит лансиран во вселената
Во глобалната борба против пандемијата, која однесе 2,3 милиони животи за нешто повеќе од една година, трката за пласирање вакцини доби геополитичко значење. Во оваа смисла, Русија стана една од ретките земји што измислија ефикасна одбрана од Ковида-19.
Важноста на ова достигнување за Русија е прикажано со името на вакцината именувана по првиот сателит во светот лансиран во вселената – кој во 1957 година Советскиот сојуз го постигна првиот триумф во вселенската трка со САД, пишува „Блумберг“.
Спутник V се произведува во неколку земји
„Лансет“ објави дека руската вакцина покажала ефикасност од 91,6% за време на последната фаза на клинички испитувања, спроведена врз повеќе од 20 000 учесници. Сега Русија се соочува со друг вид предизвик – производство.
Имено, ограничувањата во производството се најголемиот проблем кај сите производители на вакцини, бидејќи глобалната побарувачка далеку ја надминува понудата. Русија, која им вети бесплатни дози на своите 146 милиони жители, започна со производство минатата година, а вакцината во моментов се произведува во неколку земји; вклучувајќи ги Индија, Јужна Кореја и Бразил.
Оваа недела, близок соработник на турскиот претседател Ердоган потпиша договор за производство на Спутник V во Турција, иако земјата веќе склучи договор за купување 50 милиони дози кинеска вакцина од „Синовак биотек“ и 4,5 милиони дози од „Фајзер“ – „Бионтек“.
Русите се уште скептични, не е познато дали Путин е вакциниран
И покрај големиот успех на глобално ниво, побарувачката за руска вакцина дома е доста мала бидејќи граѓаните сè уште се скептични кон изјавите на владата. Имено, Путин (68) малку ги збуни своите граѓани кога во декември изјави дека ќе чека со вакцинацијата се додека не се потврди дека е безбедна за луѓето на негова возраст.
Путин сè уште не откри дали ја примил вакцината или не, но неговиот став и рускиот скептицизам не ги спречија другите народи да започнат со нарачки. Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор на 25 јануари, ден по објавувањето дека се заразил со коронавирус, му се заблагодари на „искрено посветениот“ Путин што вети 24 милиони дози Спутник V во следните два месеци. Три дена подоцна, боливискиот претседател Луис Арсе го поздрави првиот пакет руска вакцина на аеродромот во Ла Паз.
Аргентина ја започна својата програма за масовна вакцинација откако до јануари доби повеќе од половина милион дози Спутник V. На неа и се придружија Никарагва, Парагвај и Венецуела.
На што се базира Спутник V?
Спутник V се базира на безопасен аденовирус кој предизвикува настинка и се проучува со децении во развојот на вакцините. Истата технологија ја користи AstraZeneca, додека Moderna и Pfizer / BioNTech се свртеа кон нова технологија која користи гласник РНК (mRNA) за да предизвика имунолошки одговор.
За разлика од Pfizer / BioNTech, Sputnik V може да се чува во конвенционален фрижидер (не е потребен замрзнувач), што го олеснува транспортот и дистрибуцијата во посиромашните земји или оние со потопла клима. Две дози на руска вакцина чинат околу 20 американски долари, што значи дека е поевтино од поголемиот дел од конкуренцијата. Иако е поскапа од AstraZeneca, се покажа дека е поефикасна во одбраната од коронавирус.
Спутник V и европскиот пазар
Русија побара од европските регулатори одобрување на Спутник V, а германската канцеларка Ангела Меркел во вторникот изјави дека руската вакцина може да се користи во ЕУ доколку биде одобрена од Европската агенција за лекови. Француската министерка за економија рече дека е „агностик“ кога станува збор за одобрување на руската вакцина.
„Секоја вакцина што ги исполнува условите за безбедност и ефикасност е добредојдена во Европа“, рече денеска Агнес Паниер-Рунахер во интервју за телевизијата Франс Инфо.
Унгарија веќе издаде итно одобрување и потпиша договор за 2 милиони дози на Спутник V, од кои првите 40.000 беа испорачани во вторникот.
“Вакцината не може да биде политичко прашање. Човек може да избере помеѓу западни и источни вакцини само ако има доволно на пазарот”, рече премиерот Виктор Орбан на 29 јануари.
Главниот уредник на „Лансет“ Ричард Хортон изјави дека постапката за одобрување на руската вакцина од страна на Европа може да трае неколку месеци.
Иако руските власти соопштија дека очекуваат оваа вакцина да биде достапна за 700 милиони луѓе, се поставува прашањето за брзината на производството.
“Треба да бидеме реални. Со оглед на нашите други обврски, нема да можеме да ја снабдуваме Европа пред мај, освен Унгарија”, изјави Кирил Дмитриев, извршен директор на рускиот државен фонд за директни инвестиции, кој го поддржа развојот на Спутник V и е задолжен за нејзината меѓународна дистрибуција.