Американските претставници подготвија низа опции за претседателот на САД, Доналд Трамп, за зголемување на економскиот притисок врз Русија, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин не брза да преземе чекори за прекин на војната во Украина, објави „Блумберг“, повикувајќи се на добро информирани извори.

Функционерите, кои сакаа да останат анонимни бидејќи преговорите се приватни, предупредија дека Трамп сè уште не донел никакви одлуки бидејќи дипломатските напори се во тек.

Тие одбија детално да откријат кои опции се на маса, истакнувајќи дека секоја одлука зависи исклучиво од американскиот лидер.

Украина и нејзините сојузници ги повикуваат САД да го зголемат притисокот врз Москва, вклучително и преку поголеми ограничувања на извозот на енергија и приходите од нафта, за да ја принудат да се согласи на прекин на огнот според условите предложени од Трамп.

САД и Европската Унија веќе воведоа невидено ниво на санкции врз Москва по нејзината голема инвазија во февруари 2022 година, но не успеаја да го принудат Путин да ги запре борбите, според американската агенција.

Размислувањата за следните чекори би можеле да бидат засенчени од ненадејното повлекување на советникот за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, и назначувањето на привремениот државен секретар Марк Рубио.

Ова би можело да помогне во поедноставувањето на стратегијата на САД со Рубио, кој ги извршува обете улоги, бидејќи пристапот на Белата куќа кон Украина е воден од различни идеи од високи функционери, вклучувајќи го и претставникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кој се смета за попроруски ориентиран, проценува „Блумберг“.

Републиканскиот американски сенатор Линдзи Греам, клучен сојузник на Трамп во Сенатот, изјави дека има поддршка од 72 колеги за предлог-закон со кој би се вовеле нови „разорни“ санкции врз Русија доколку Путин не сака да преговара за крај на војната во Украина.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, коментирајќи ја изјавата на Путин за неговата подготвеност повторно да прогласи краткорочен прекин на огнот, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп сака да види траен прекин на огнот во Украина за да се запре крвопролевањето, според американската агенција.

Москва досега одбиваше да ги прифати барањата на САД за траен прекин на огнот, а Путин ги задржа максималистичките ставови, вклучително и дека Русија треба да добие контрола врз четири украински региони кои не ги окупирала целосно.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски се согласи да им даде на САД контрола врз некои идни приходи од ресурси за да ја одржи поддршката на Трамп и ги поддржа повиците за безусловно примирје од најмалку 30 дена.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во четвртокот изјави дека Трамп успеал да го започне процесот, но дека од Киев и Москва зависи да постигнат договор.

Трамп, кој се стреми да ја заврши војната и да иницира пошироко преобликување на економските односи меѓу САД и Русија, претходно се закани со санкции кон Москва доколку Путин сериозно не се вклучи во мировните преговори.

Како дел од предлозите споделени со европските сојузници минатиот месец, САД би биле подготвени да ја признаат руската контрола врз Крим, полуостровот на Црното Море што Путин го анектираше од Украина во 2014 година. Договорот, исто така, би го замрзнал конфликтот во голема мера по постојните фронтовски линии, давајќи ѝ на Русија ефективна контрола врз делови од преостанатите четири украински региони.

Аспирациите на Киев за членство во НАТО би биле симнати од дневен ред, санкциите кон Русија на крајот би биле укинати, а Украина би добила безбедносни гаранции за да се осигури дека секој договор ќе биде почитуван, пишува „Блумберг“.

Администрацијата на Трамп, исто така, сака Москва да ѝ ја врати на Украина нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, која ја зазеде на почетокот на војната. Потоа, објектот би паднал под контрола на САД и би снабдувал со енергија двете страни, заклучува американската агенција.