Блупринт групата за реформи во правосудството преку медиумите се обраќа до претседателот на Советот на јавни обвинители, г. Јолевски и го повикува во името на Советот да се произнесе за ставот на Советот во однос на дискусијата водена од страна на членови на Советот на Јавни обвинители на седницата одржана на 11 ноември 2022 година, а на која беа упатени навреди за претставниците од граѓанското општество, професионалци во правната професија и функционери. Поради тоа контекстот на дискусијата беше крајно непрофесионален, во целост спротивна на стандардите за етичко однесување на јавните обвинители и и претставува ризик за создавање на недоверба што може да доведе до несоработка со заинтересираните страни во реформата на правосудството.

Имено, на 69-тата јавна седница на Советот на Јавни обвинители, одржана на 11 ноември 2022 година, на која присуствуваа и претставници од организациите членки на Блупринт групата за реформи во правосудството, а кои редовно ја следат работата на Советот на Јавни обвинители (под точка разно од Дневниот ред), од страна на членовите на Советот беше отворена дискусија за јавните реакции на стручната јавност, правните експерти и граѓанските организации за спроведувањето на изборот на Основен Јавен обвинител на ОЈО ГОКК.

Во рамките на дискусијата, еден од членовите на Советот во неколку наврати упати навреди кон Блупринт групата и граѓанското општество во целина, при што се обиде навредливо да ја дискредитира работата на организациите од Блупринт групата. Од дискусија на овој член на Советот која содржеше неаргументирани несогласувања со јавно споделениот став на Блупринт групата за недоволната транспарентност во процесот на избор на Основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК, најмногу загрижува неговиот став и намера да укаже дека граѓанските организации не треба воопшто да даваат мислење во јавноста за работата на Советоти дека истите се под политички влијанија и критиките упатени кон Советот се со намера за рушење на неговиот кредибилитетот. Оваа дискусија не беше спречена  од страна на Претседателот на Советот на Јавните обвинители ниту од друг член, а уште позагрижувачки е дека не беше ниту изолирана. Имено, во продолжение на дискусијата од страна на друг член на Советот беше истакнато дека ставовите искажани од нивниот колега за Блупринт групата се ставови и на Советот.

Веднаш по завршувањето на седницата, Блупринт групата испрати писмо до г. Јолевски како Претседател на Советот на Јавните обвинители со барање во најкус рок да се произнесе дали искажните ставови на двајцата членови се став на Советот или се лични ставови на членовите на Советот.

Тргнувајќи од досегашната соработка помеѓу Блупринт групата за реформи во правосудството и Советот на Јавни обвинители, сметаме дека со искажаната дискусија со навреди и непрофесионален тон, се создава околина на недоверба и несоработка помеѓу Советот и граѓанското општество во клучен момент за процесите за реформа на правосудството и европските интеграции. Нас не’ загрижува потценувачкиот и навредувачкиотI однос од член на Советот, кој е истакнат правник,  и сметаме дека истиот претставува и притисок врз граѓанското општество, со цел да ограничи конструктивната критика упатена кон работата на јавните институции, а со тоа и да се намали степенот на отвореност, инклузивност, транспарентност и отчетност на институциите кои се клучни елементи на принципот на владеење на правото како темел на демократските општества.

Очекуваме од г. Јолевски како Претседател на Советот на Јавните обвинители кој досега покажал висок професионален интегритети бил отворен за комуникација и соработка со граѓанските организации, во името на Советот на Јавните обвинители да се произнесе по барањето на Блупринт групата за реформа на правосудството и притоа јавно да се огради од ставовите искажани од двајцата членови на Советот против граѓанското општество и да побара од нив да се извинат за навредите упатени кон претставниците на граѓанките организации и кон сите останати кон кои биле упатени навредите и дискредитациите.

Со почит, Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права, Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).