Активно се работи на двете делници за пругата кон Бугарија. Проектот е со најголема инвестициска вредност од независноста на државата до денес, 200 милиони евра, рече денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Како што истакна, одговорајќи на новинарски прашања, тендерот за третата и најтешка делница се очекува да биде распишан до крајот на оваа година.
За брзата пруга Скопје – Ниш, пак, информира, во рок од 30 дена ќе се направи акциски план.
-Склучивме договор пред две години со една, па потоа и со втора компанија за втората делница за пругата кон Бугарија. Активно се работи на двете делници. Градбата на првата делница очекуваме да заврши некаде на крајот на наредна година, а да продолжи да се работи на втората и секако, очекувам да биде распишан тендерот и за третата и најтешка делница до крајот на оваа година бидејќи таа се работи согласно ИПА-процедурите на ЕУ и во финална фаза сме пред распишување на тендерот за избор на изведувач и на третата фаза. Тоа се големи проекти што имаат вредност на чинење по 500, 600 милиони евра и за нивна реализација е потребно време. Но, зошто 30 години досега тие проекти не биле реализирани, е прашање што треба да се постави на оние кои во минатото ги управувале институциите, рече Бочварски по увидот во реконструкцијата на улицата „Леце Котески” во Прилеп.
За брзата пруга Скопје – Ниш, информира, во рок од 30 дена ќе се направи акциски план од страна на работни групи од двете страни кои ќе ги прецизираат чекорите и постапките.
-Она што ние денеска го правиме е комплетно отворање на сите процеси, и на пругата кон Бугарија, и на пругата што ја завршивме Битола – Меџитлија, и на автопатот Прилеп – Битола и на експресниот пат кон Прилеп кој исто така 20 години се ветува на секоја изборна кампања. Граѓаните го слушаат тоа ветување, но денеска сето ова се работи. Така што, во однос на брзата пруга можам да истакнам дека во рок од 30 дена ќе се направи акциски план од страна на две работни групи од двете страни кои ќе ги прецизираат чекорите, постапките, делумно и начините на проектирање и синхронизација на целиот проект. Дополнително, ние веќе го одобривме Законот за задолжување за изградбата на заедничкиот железнички граничен премин Табановце што ќе се гради од македонска страна, а ќе биде заеднички за двете страни. Ова се проекти кои навистина даваат друга слика и убеден сум дека во наредните години ќе гледаме и нивна реализација и пуштање во употреба, потенцира министерот кој во посета на Прилеп беше заедно со премиерот Димитар Ковачевски.