Во најтешка и најкризна година реализиравме највисоко ниво на капитални инвестиции од независноста на Македонија до денес, кои се на ниво од 465 милиони евра. И тоа не се голи бројки, туку се пари инвестирани во проекти кои граѓаните ги гледаат и чувствуваат, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на вториот панел по повод годишнината на Владата, на тема   „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“.

-Оваа година ќе продолжиме со уште посилно темпо и динамика. Нема да запреме, го надополнуваме она што е пропуштено во минатото. Убеден сум дека ќе ги надминеме и најсилните предизвици што ќе се испречат пред нас и дека оваа година ќе ја надмине минатата 2022. Бидејќи во буџетот на државата има 800 милиони евра предвидени за капитални проекти, од кои преку 300 милиони евра се во ресорот транспорт и врски, истакна Бочварски.

Очекува во 2023 да заврши изградбата на патот Кичево – Охрид и гасоводот од Скопје преку Тетово до Гостивар, да заврши првата фаза од изградбата на автопатот Скопје – Блаце и да се распише тендер за втората фаза од изградбата на овој автопат.

– Ќе продолжи изградбата на железничкиот Коридор 8 и поврзувањето со Бугарија. Оваа година ќе се распише повик за избор на изведувачи на третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија. Тоа е најголемата железничка пруга во државата, вредноста на третата делница е над 400 милиони евра. Подготвени сме да влеземе во реализација и на овој повеќегодишен капитален проект, рече министерот за транспорт и врски.

Продолжува изградба на станови за социјално ранливи лица, годинава во Дебар, Бутел, Велес, Пехчево и Кочани. Ќе се градат и нови 80-ина локални патишта во општините.

Осврнувајќи се на 2022-ра, Бочварски ги наведе изградбата и реконструкција на патни правци и поврзување со гранични премини, меѓу кои лани пуштени во употреба  беа и два експресни патишта Штип – Радовиш и Штип – Кочани.

Бочварски на панелот рече дека во 2022 година била најуспешна за железничката инфраструктура зашто почна градбата на најголем објект, вреден околу 200 милиони евра – Коридорот 8 од Куманово до Крива Паланка во две делници.

Во најтешката година, рече министерот Бочварски, завршен е крак од магистралниот гасовод од Неготино, Кавадарци, Прилеп до Битола, а оваа година се подготвени и за завршување на градежните работи за гасоводот кон Гостивар.

За успешните проекти во 2022 зборуваше и Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта, кој истакна дека во 2022 имало извонредна реализација од 150 милиони евра во патната инфраструктура, од кои една третина, рече, се инвестирани во патниот правец Кичво – Охрид.

Во Програмата за 2023 усвоена од Владата, рече Рустеми, се планирани 486 милиони евра за проекти за инфраструктурни проекти и ќе почне да се градат 130 километри автопатишта. Посочи дека ќе заврши изградба на повеќе патни правци, меѓу кои Кичево – Охрид, и нагласи дека 2023 година „ќе се памети по инфраструктурни инвестиции“.

Деканот на Градежниот факултет Горан Марковски рече дека стратегија, стандарди, сеопфатност и струка се најважните аспекти во инфраструктурата и капиталните проекти и дека треба да се промени свеста – проектите  не почнуваат, рече, кога ќе се појави багер на локацијата туку многу порано – со изработка на студии за кои треба време.  Предложи да има два одвоени закона – за високоградба и нискоградба, важните патни правци да имаат алтернатива, во фаза на проектирање да се бараат решенија за експропријација како чест и голем проблем…

Марковски посочи и дека треба да се преземе нешто за да се промени состојбата со кадарот во градежништвото во иднина со оглед на тоа што на Градежниот факултет годинава се запишале само 72 студенти. Од нив девет геодети и три на геотехнка. На некои насоки, рече деканот, неколку години немаат запишан студент.