Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, денеска престојува во работна посета на Црна Гора, каде учествува на министерската конференција посветена на поврзаност на земјите од Западен Балкан, во организација на Секретаријатот на транспортната заедница и ЦЕФТА.
Во рамки на Конференцијата, министерот Бочварски го потпиша Анексот на Одлуката на Европската комисија „Разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Македонија за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Македонија“, со кој Коридорот 8 станува дел од мапата на главни коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија.
Министерот Бочварски обраќајќи се пред присутните, соопштија од ресорното министерство, ја истакнал важноста од регионалната поврзаност, со посебен акцент на патниот и железнички Коридор 8 и проектите што се реализираат на истиот.
– Денеска ја потпишав Спогодбата помеѓу С. Македонија и Европската Унија за впишување на овој многу значаен Коридор на оската исток – запад во мапата на главните европски коридори. Оттука наша е обврската да продолжиме со изградбата на патниот и железничкиот Коридор 8, да го доведеме до ниво на модерна, квалитетна и безбедна патна врска, со што и на дело ќе покажеме дека овие политики не се политики само за на хартија, туку политики кои ги реализираме на терен. За РС Македонија ова е стратешки важна одлука на Европската Унија со што веќе сме позиционирани централно како крстосница во регионот на два главни европски коридори, на Коридорите 8 и 10, изјавил министерот Бочварски.
Како што стои во соопштението од Министерството за транспорт и врски, тој додал дека развојот на Коридор 8 долж оската исток – запад е неопходен економски и политички инструмент кој на регионот ќе му помогне да ја подобри регионалната поврзаност и стабилност.
Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство.
– Со геостратешката положба на РС Македонија и фактот дека Коридорите 8 и 10 се дел од главната транспортна мрежа, стануваме неизбежна транспортна рута не само во регионот, туку и пошироко. Целта на транспортната политика на С. Македонија се Коридорите 8 и 10 како дел од основната мрежа до 2030 година односно до 2040 година за проширената главна мрежа да бидат изградени по ТЕН-Т ЕУ стандардите, се наведува во соопштението.
На Конференцијата, покрај министерот Бочварски, присуствувале и министри за транспорт и инфраструктура на земјите од регионот, како и претставници на Транспортната заедница и Европската комисија.