Во рамки на Министерскиот совет, кој овие два дена се одржува во Скопје, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски оствари билатерална средба со Јоанис Ксифарас, кој ја предводи грчката делегација во име на Министерството за инфраструктура и транспорт на Република Грција.
Бочварски и Ксифарас, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, на средбата ја потврдија добрата соработка помеѓу Македонија и Грција и разговараа во однос на заедничките заложби за европска интеграција на регионот.
Министерот Бочварски ја потенцираше важноста на зголемување на соработката во делот на железничкиот сообраќај и поврзувањето на Битола со Месонисон, во Грција. Бочварски и Ксифарас разговараа за отворање на зелени коридори на граничните премини, како и можноста за интероперабилност на патарините.
– Разговаравме и разменивме искуства за процесите на олеснување и подобрување на транспортот меѓу нашите земји, а дадовме и фокус на продлабочување на соработката, особено во делот на туризмот и патничкиот транспорт. Ја отворив темата за отворање на граничниот премин Маркова Нога, како и модернизација на останатите заеднички гранични премини. С. Македонија работи активно за интеграција и членство во Европската Унија, а поддршката од нашите соседи е и повеќе од добредојдена, изјави министерот Бочварски.
Фото: Министерство за транспорт