Богдан ИЛИЕВСКИ

Само во Македонија, Северна Кореја, ерата на Сталин и во некои племенски заедници во Африка (не во сите, сигурен сум) може да има ситуација во која еден криминалец со илјадници страници досие и ДОКАЖАНА историја на давање лажни сведочења со цел добивање поволности за себе, може да биде користен како столб на обвинение и повикуван како сведок.

Искрена жал ме фаќа за тие луѓе кои учеле факултет, полагале 50 испити, правосудни и какви уште не, растеле и живееле со идеалите за правдина, сонувале да бидат правични и одмерени, борци за правото, борци за обичниот човек и неговите правдини, борци против прогони, лажни обвиненија и обиди за монтирање процеси, а денес мора да слушаат пред нив во улога на сведок (по барање на обвинителството) човек кој дава четврта верзија за ист настан, секоја една верзија поразлична од другите.

Поголема искрена жал ме фаќа за луѓето со уништени судбини кои се по затворите поради лагите на лажниот сведок-соработник кој и во минатото докажано со судски пресуди ЛАЖЕЛ за да добие поволности за себе во други процеси.

А најголема јад ме фаќа за оние мизерни суштества кои се упорни во намерата на еден ваков човек да темелат обвиненија, пресуди и нови обвиненија, додека самиот тој во суд, бидејќи Господ му делил криминален ум, но не и повеќе од тоа, признава дека на пример она што го кажал денес е различно од она што го кажал две недели пред пресудата за 27-ми април, а она што го кажува тогаш е различно од она што го кажува во декември 2018-та, кое пак е различно од она што го кажува во јуни 2018-та пред, кој друг ако не „опасната обвинителка“.

Земја во која вакви луѓе се користени за монтирани процеси и лажни обвиненија, а за сметка на што добиваат одредени поволности поради сопствените злодела, не заслужува да се нарече држава.

И или тоа ќе го промениме заеднички, или никогаш нема да имаме држава.

п.с. Околу 200-те илјади евра кои требало да ни бидат делени мене, на Борис и Дурло можам да кажам „колку сме зеле ние, иншала да има до крај на живот тој, но не и неговото семејство бидејќи не се они виновни што тој е таков каков што е“ – но нема да го кажам ни тоа. Верувам дека и на малите деца и на сенилни старци им е јасно колку е часот, кога дошол момент ваков човек да биде бастунот на кој ќе се потпира скичменото од лаги и нарачки обвинителство.

Но очекувам еднаш во живот, ЕДНАШ, Господи, да видам како Судот ќе стави крај на криминалците кои се провлекуваат низ системот цело време со монтировки и лаги, како соработници на лажните обвиненија и корумпираните обвинители и судии, а поради кои страдаат и се осудувани невини луѓе и нивните фамилии.

Беда и јад. Беда и јад. И после ќе се чудиме зошто 2% имале доверба луѓето во обвинителството. Па тоа е бре премија за обвинителство кое како „стручен соработник“ и „дежурен сведок“ има човек кој во својот живот покрај докажаното ЛАЖЕЊЕ на суд за лична корист ги има и следните дела:

Предизвикување на општа опасност; Изнуда на група, банда со употреба на огнено оружје со последици и со значителна материјална корист; Предизвикување општа опасност; Измама; Предизвикување на општа опасност со тешки последици; Грабнување; Разбојништво; Убиство во обид; Предизвикување општа опасност; Предизвикување опасност со помош на експлозив.

На Рускоска Нинџа и е сведок. Мене сведок ми е Бог не само дека ниту сум помислил, ниту учинил зло и криминал во својот живот, туку и дека ќе се борам додека постојам за исправање на неправдите нанесени од ваквите угурсузи и безбожници.

Ќе има правда. И Божја и судска.