Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, вчера одобрил да се распише јавен конкурс за уредување на локацијата кај фабриката „Треска“, каде неколку инвеститори сакаат да градат станбени комплекси.
-Вчера го потпишав барањето за спроведување на јавна набавка, бидејќи конкурсот мора согласно Законот да се спроведе како јавна набавка и очекувам дека во понеделник-вторник ќе биде објавен на Бирото за јавни набавки, бидејќи толку е процедурата од потписот на градоначалникот, ден-два треба да се прикачи на системот. Откако ќе се прикачи, веќе стартува јавната набавка и потоа нормално ќе видиме како ќе се одвива – рече Богдановиќ на ТВ 24.
На почетокот на минатиот месец, градежните фирми и сопствениците на парцели се заканија со кривични пријави, посочувајќи дека повеќе од една година чекаат конкурс за ново идејно решение. Станува збор за повеќе од 62 илјади квадратни метри, каде, според последниот Детален урбанистички план, треба да никнат 30 згради.