Фејсбук статус на Стефан Богоев:

Груевски, очигледно те погодив во нерв, па напиша статус со многу зборови, малку поенти и воопшто вистина! Соочен со фактите дека токму ти, твојот советник Мицкоски и вашето ДПМНЕ ја доделивте концесијата за Иловица во 2012 година (во прилог слика од одлуката во Службен весник, јуни 2012г) повторно се обиде да ја манипулираш јавноста. Својствено за тебе Груевски, така владееше 11 години.

Сега земи воздух Груевски, и види го и видеото во прилог, како во изборна кампања во 2016 година се фалиш дека ќе отвориш десетина рудници во југоисточниот регион. Тешко е за гледање Груевски, ама ни тогаш, ни сега, не те интересирало здравјето на граѓаните!

И за крај, Груевски, вистината е како шило, a ти тоа добро го знаеш!, пишува Богоев.

Груевски пак го тврди спротивното. Еве што тој вели за рудникот Иловица:

Неточно е дека концесијата за рудникот Иловица е издадена во 2012 и 2013 година.

Издадена е во април 2006 година концесија за истражување, комерцијално истражување на многу позната меѓународна компанија, од страна на владата на СДСМ во тоа време. Разбрав дека сега веќе таа компанија не е во проектот, односно го продала на некоја друга.

Согласно Законот, одкако ќе се издаде таква концесија за истражување на компанија која инвестира во тоа истражување заради комерцијални цели, доколку инвеститорот при истражувањето во кое инвестира големи пари, пронајде руда и побара концесија за експлоатација, односно отворање на рудник, и доколку ја достави целокупната документација и потребни елаборати од реномирани и надлежни институции, владата е должна да му ја издаде таа концесија.

Во спротивно ќе плаќа пенали по завршени меѓународни судења и арбитражи.

Според ова, клучниот момент е издадената концесија за истражување издадена во април 2006 година кога јас бев пратеник на партија во опозиција.

СДСМ и Ковачевски во денешната изјава манипулираат со неупатените граѓани во законите за издавање концесии за истражување и за експлоатација, или пак некој него го манипулира не кажувајќи му дека штом еднаш се издаде на приватен инвеститор концесија за истражување за некоја минерална суровина (руда), по завршеното истражување и вложените пари во тоа, доколку наодите се позитивни и инвеститорот побара концесија за експлоатација (отворање рудник)со целокупна документација и елаборати, владата веќе нема избор во постапката, односно изборот е да одговори позитивно или да заврши на суд, вклучително и меѓународен, по кој државата ќе плаќа огромни пенали. Уште повеќе што рудници со ваква технологија постојат и работат во земји членки на ЕУ. На пример еден таков постои на северот на Финска, земја со мошне високи еколошки стандарди и високо ниво на образование и демократија, во непосредна близина на познат зимски туристички центар, заради што во сезоната на скијање работниците се префрлаат во туристичкиот сектор и рудникот мирува со работа, а потоа се враќаат во рудникот и истиот работи.

Познато е дека вакви ситуации околу отворање на рудници се гледаат во многу други земји на Европа во кои разни добро платени НВО најчесто скриено од конкурентите на инвеститорот, го сензибилизираат и со платена кампања го преплашуваат населението со цел да се спречат инвестиции на конкурентни компании.

Тоа се мали пари за големите рударски магнати, а големи за оние кои ги примаат. Резултатот на тоа е што не може да се отвори ниту еден нов рудник, а старите отворени пред 40-50 или повеќе години со технологии од пред половина век не ни пречат ниту некој отворил прашање или води кампања за здравјето на луѓето кои живеат во нивна близина.

На тој бран пред 8-9 години, неспособна да ни конкурира со подобри идеи и проекти, се закачи и се заплетка СДСМ, која претходно самата ја издаде концесијата за истражување на инвеститорот, и еве веќе шест години не знае како да се отплетка од тоа, па бара излез во негирање на нивните сопствени одлуки и обид да ги прикаже како туѓи.