Директорот на американскиот производител на авиони „Боинг“, задолжен за производство и испорака на најпродаваниот модел „737“, Скот Кемпбел најави заминување во пензија кон крајот на годинава, по катастрофалните производствени резултати минатиот месец.
„Боинг“ минатиот месец испорача само 39 авиони, а месечниот просек изнесува меѓу 47 и 52 авиона. Покрај цената од 85 до 110 милиони долари за продаден примерок, доцнењето во испораката дополнително би можело да претставува сериозен проблем за компанијата, чии акции се намалија 0,8 отсто по објавата на податоците за испорака.
Компанијата се најде во криза поради проблемите во синџирот за снабдување со делови. Моментно во фабриката во Сиетл се наоѓаат 50 речиси завршени летала, подготвени за бојадисување во избрана боја и логотипови на нарачателите, но ниту еден од нив не е подготвен за лет, бидејќи немаат мотори.
До застој дојде кај производителите на млазни мотори ЦФМ, кои моментно доцнат околу четири-пет недели со доставување.