Холивудската ѕвезда Алек Болдвин изјави денеска дека неговото „срце е скршено“ откако случајно ја застрела директорка на фотографија Халина Хачинс во Ново Мексико, додавајќи дека соработувал со полицијата во истрагата која треба да открие како се случил трагичниот инцидент.
– Нема зборови да се опишат шокот и тагата по смртта на Халина Хачинс, сопруга, мајка и прекрасна колешка. Во контакт сум со нејзиниот сопруг и се понудив да му помогнам на семејството. Срцето ми е скршено поради него, поради синот и сите што ја познаваа Халина, напиша Болдвин на Твитер.
Инцидентот се случи вчера попладне за време на снимањето на филмот „Rust“ на ранчот Бонанца Крик јужно од градот Санта Фе.
Откако Болдвин истрелал од реплика пиштолот, 42-годишната Хачинс со хеликоптер била пренесена в болница каде е констатирана смрт.
Болдвин (63) е копродуцент на „Rust“, чие дејствие се одвива во Канзас во 1880-тите и го игра истоимениот лик, дедото на 13-годишно момче осудено за убиство од небрежност.
Шерифот на областа Санта Фе истакна дека досега не е поднесена кривична пријава и дека истрагата е во тек.
Во инцидентот бил повреден и режисерот на филмот Џоел Соуза (48), кој е пренесен во локална болница. Глумицата Френсис Фишер, која исто така глуми во филмот, напиша на Твитер: „Соуза ми испрати порака дека излегол од болница“.
Медиумите специјализирани за филмската индустрија пренесуваат дека во реплика пиштолот со кој пукал Болдвин се наоѓал вистински куршум.
– Главниот актер ненамерно испука вистински куршум и ги погоди директорот на фотографија Халина Хачинс и режисерот Џоел Соуза, се наведува во дописот на холивудскиот синдикат ИАТСЕ до членовите.