Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 51-годишна лекарка од Куманово, поради постоење основано сомневање дека сторила кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Примање поткуп. Основен суд Куманово на осомничената и определи мерка притвор во траење од осум дена.
-На 22.09.2021 година во временски период од 07:00 до 14:00 часот, искористувајќи ист траен однос, во својство на лице што врши работи од јавен интерес специјалист за очни болести, вработена во ЈЗУ „Општа болница Куманово“- Очно одделение во Куманово, со искористување на својата службена положба и овластување за себе прибавила корист и потешко ги повредила правата на друг. Осомничената директно побарала и примила корист за себе, парични средства, за да изврши службено дејствие што морало да се изврши. Таа во два наврати, на свои пациенти, им побарала износ од по 12.000,00 денари за да им изврши операција на катаракта, под изговор дека ваквите средства и се неопходни за набавка на леќи, иако леќите ги набавува самата болница, а оштетените не биле должни да го платат наведениот износ, односно требале да платат само партиципација. Побараниот паричен износ пред да бидат извршени операциите, оштетените и го платиле директно на рака на обвинетата, при што не добиле никаква потврда за уплатата, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Постапувајќи по поднесената кривична пријава, во Основното јавно обвинителство Куманово оформен е предмет, а до судијата на претходна постапка при Основен суд Куманово поднесен е Предлог за определување на мерката притвор против осомничената во насока на непречено одвивање на постапката. Судот со Решение на осомничената и определи мерка притвор во траење од осум дена.