Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, изјави денеска дека самитот на претседателот Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун во Виетнам беше успешен, и покрај тоа што не се постигна договор за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Болтон, во три телевизиски интервјуа, се обиде да објасни дека Трамп ги унапредил интересите на американската национална безбедност, така што одбил лош договор, во исто време, работејќи на тоа да го убеди Ким да прифати „голем договор, кој би можел да направи разлика за Северна Кореја”.

-Трамп не сака договор по секоја цена, ниту со Северна Кореја, ниту со  кој било, ако е во спротивност со американските национални интереси, рече Болтон.

Тој изјави дека Трамп ја променил традиционалната дипломатија, и во случајот со Северна Кореја, додавајќи дека „традиционалната дипломатија била неуспешна во последните три администрации”.